| четврток, 6 декември 2018 |

Светска премиера на претставата „Кирил и Методиј, who are you“ во Романија

Претставата „Кирил и Методиј, who are you“ од Јордан Плевнеш во режија на Мартин Кочовски, својата светска премиера ќе ја изведе в среда (2 септември) во Букурешт, Романија. Изведбата на годинашново Охридско лето беше оценета како одлична, комплетно, преку режијата, актерската игра и музиката. Претставата „Кирил и Методиј“, театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ја реализира со продукцијата НЕТА (Нова европска театарска асоцијација), Љубљана и „Сфумато театар“ од Бугарија.

Како што објаснуваат од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, претставата ги користи сите историски и релевантни документи и дава одговори на капиталното прашање – „Кои се, всушност, браќата Кирил и Методиј, заштитниците на Европа?” и зошто и по 1.100 години, двајцата светители по силината на својот дух и натаму се отворена мистерија за светската и за научната јавност, поради нивната филозофија наречена цивилизација на љубовта и носталгија по единството.

Во претставата играат Ѓорѓи Јолевски од МНТ (го игра ликот на Кирил), Игор Трпче (Методиј), Виолета Чакарова, Андон Јованоски, Димитар Црцороски, Наташа Наумоска, Ангела Наумоска, Александар Тодески, Димитрина Мицкоска, Илија Волчески, Хриса Јоаниду од Националниот театар од Северна Грција, Марија Ѓаковска од Бугарија и актерот Здравко Стојмиров од Битола. Костимите се на Елена Иванова од Софија, а музиката е на Горан Трајковски. Сценограф е Јани Константиновски – Пунтус од Краков, Полска.

По светската премиера во Романија, на 20 септември претставата ќе биде прикажана на 20. издание на фестивалот „Екс Понто“ во Љубљана, каде прилепскиот ансамбл ѝ е добро познат на публиката со двете претстави од Брехт што ги режираше Мартин Кочоски: „Тапани во ноќта“ и „Кавкаски круг со креда“ со која и победи на фестивалот.

На 12-ти септември претставата „Кирил и Методиј“ ќе го затвори годинашното издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, а прилепската публика премиерно ќе ја види во октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top