Во однос на мигрантско-бегалската криза, шефот на македонската дипломатија ја потенцираше потребата за унифициран европски одговор во решавањето на предизвиците со бегалците.
– Не помалку важно е итно да се адресираат и долготрајните конфликти како примарна причина за појава на мигрантско-бегалската криза. Македонија е единствен случај каде илегални мигранти доаѓаат од земја членка на ЕУ. Пораката од ЕУ е дека ваквата состојба е недозволива, за што се активираат соодветни механизми за помош и соработка, истакна Попоски.
Во делот на билатералните прашања, министрите за надворешни работи на државите од Западен Балкан присутни во Виена потпишаа Декларација со која нивните влади се обврзаа сите отворени билатерални прашања да ги решаваат во добрососедски дух и со споделена посветеност кон евроинтегративните процеси. Владите се заложија да не го блокираат прогресот на соседите во нивниот европски пат. Се обрзаа дека ќе ги решаваат сите отворени билатерални прашања преку преговори во согласност со меѓународните норми.
Министерот Попоски ја подвлече важноста на потребата на вклучување на земјите членки на ЕУ во регионот во еден ваков процес во пресрет на следниот Самит за Западен Балкан кој треба да се одржи во Париз, следната година, се наведува во денешното соопштение од МНР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.