| четврток, 6 декември 2018 |

Ајде сите да се лажеме

Денес е Денот на шегата и смеата. Денот кога некому може да му приредите интересна шега. Денес е априли-ли-лии, ден што се одбележува секаде во светот.

Зошто 1 април е ден на шегата?

Зачетокот на практичните шеги изгледа е поврзан со доаѓањето на пролетта, уште од времето на старите Римјани и Келтите се славело доаѓањето на пролетта со фестивали со забавни шеги. Првите споменувања на Денот на сите шеги (како што порано бил наречен) се од средниот век во Европа.

Некои историчари го поврзуваат Денот на шегата со римската митологија, особено со приказните за Церес, божицата на жетвата, и нејзината ќерка Просперина. Плутон, богот на подземјето, ја грабнал Просперина и ја заробил жива со него во подземниот свет. Таа викала по мајка си, но Церес го слушала само ехото од гласот на ќерка си и залудно ја барала. Таквите „залудни потраги“ или празни потраги станале многу популарна практична шега во подоцните векови низ Европа.

Најраспространетото мислење за потеклото на Денот на шегата е промената од јулијанскиот кон грегоријанскиот календар, кој се употребува од крајот на 16 век. Според јулијанскиот календар, Новата година се славела за време на седмицата од 25 март до 1 април, но, според грегоријанскиот календар, таа се слави на први јануари. Оние кои не биле известени за промената или тврдоглаво останале на старата традиција биле сериозно исмејувани и на нивна сметка се правеле многу шеги.

Во Франција ова одело до крајности, каде што се закачувале риби на грбот на оние кои ја славеле старата традиција, заработувајќи го прекарот Априлска Риба според практичната шега која била извршена на нив. Но, теоријата не може да објасни како оваа традиција на шеги и практични шеги се раширила низ другите земји на Европа, кои дури многу подоцна го прифатиле грегоријанскиот календар.

Во поблиски времиња, радиостаниците, телевизиските програми и веб- сајтовите прават шеги на сметка на своите корисници. Една многу позната и интересна шега е измама од 1957 година кога е направен документарен филм од страна на „Би-Би- Си“ за годишната жетва на шпагети во Швајцарија, каде што е претставено семејство кое бере шпагети од дрво. Многу луѓе биле измамени од тоа, а имало и такви што побарале да си купат свое шпагети – дрво.

На 1 април 2007 година, „Гугл“ објави дека го пушта во употреба сервисот Gmail на хартија, со кој корисниците би добивале услуга каде електронските писма би се зачувувале во посебна архива и потоа „Гугл“ би му ги испечатил и испратил по обична пошта целосно бесплатно. Во 2009 година, „Гугл“ ги покани луѓето да се пријават за мисијата за истражување на Марс.

Значи додека пребарувате на интернет или гледате телевизија на 1 април, внимавајте на што верувате – или можеби ќе завршите со шегата на ваша сметка.

maskenbal-2

Франција е виновна за сè
Ќе најдете информација дека 1 април потекнува од Франција во 14 век. Пред тој период се употребувал еден календар во Европа, и секоја година почнувала на 1 април. На тој ден луѓето славеле, си разменувале подароци и се посетувале.

Потоа во 1564 година, францускиот крал Чарлс Деветти преземал нов календар и со декрет наредил секоја Нова година да почнува на 1 јануари. Многумина го следеле овој кралски декрет, но, сепак, постоеле и луѓе кои не го почитувале новиот указ и продолжиле да си ја слават Новата година на 1 април. Наскоро овие луѓе станале мета на исмејување и трикови на нивните пријатели и соседи, само поради тоа што 1 април го славеле како Нова година.Пријателите и соседите им испраќале лажни подароци, покани за лажни забави и разни други мајтапи токму на 1 април.

maskenbal-1

Како се прославува 1 април низ светот?
Во Франција, Италија и во Белгија денешниот ден се одбележува на интересен и карактеристичен начин. Таму луѓето си подготвуваат хартиени риби и им ги закачуваат на минувачите во знак на шега.

Во Фландрија децата ги заклучуваат родителите во некоја соба, па ги пуштаат откако тие ќе им ветат дека ќе им купат бонбони и чоколади.

Членовите на кралската династија во Кореја на овој ден смееле да се шегуваат со кого ќе посакаат, без разлика на чинот. Тие ставале снег во чинии и ги испраќале кај роднините и кај пријателите. Оној што ќе добие ваква чинија со снег се сметал за губитник и морал да му испрати на испраќачот некаков подарок.

На Филипините луѓето се шараат меѓусебе со жолта боја, им ги боеле облеките и лицето.

Во Полска се подготвуваат поелаборирани шеги. На пример, медиумите објавуваат информации во јавноста кои се интересни, но несериозни за да би предизвикале вознемиреност кај гледачите. Потоа се објавувало дека станува збор за шега.

Денот на шегата во Шкотска се одбележува на следниот начин. Некој човек ќе одбере пријател или роднина и го замолува да испрати писмо во негово име. Примачот ја чита пораката и мора да најде друг човек што ќе продолжи да ја испраќа понатаму.

Во целиот свет се одбележува некој ден на шегата, ден кој е наменет за забава и ширење смеа меѓу луѓето.

На денешниов ден маскирајте се доколку имате можности и забавувајте се со пријателите, роднините, колегите и со соседите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top