Со многу комплименти за играта и однесувањето на македонските одбојкари е опишана блескавата победа над Естонија со 3-0 во полуфиналето од Европската лига на официјалниот сајт на европската куќа на одбојката, ЦЕВ.
„Македонците покажаа огромна страст и моќна одбојка и со неверојатен спортски дух направија сензација против Естонија. Уште од самиот почеток на мечот момците во црвено-жолти дресови тргнаа одлучно и потврдија дека не се дојдени само да учествуваат на завршниот турнир во Полска“, се вели во текстот на „cev.lu“ за второто полуфинале во Валбржих.
Естонците се обидоа да се вратат во игра и покрај негативата од 0-2 во сетови, но сите обиди на непоразената селекција во фазата по групи паднаа во вода пред налетите на супер инспирираниот македонски состав. Моќниот блок на победниците ги докрајчи сите напори на Естонците за евентуален пресврт и ги продолжи надежите на Македонија за остварување на сонот во походот кон титулата во Европската лига, пишува во продолжението на текстот посветен на победата на Македонија.
Вечерва од 20 часот избраниците на селекторот Жарко Ристоски ќе играат во финалето од 20 часот со Словенија, селекција која го освои првото место во втората група со идентичен скор од 10-0 како и Естонците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




