Естонците си го признаа поразот од Македонија во полуфиналето од Европската лига, а за избраниците на мудриот Жарко Ристоски сега на ред е финалето и мечот со Словенија.
Ристоски апсолутно го надмудри својот колега на клупата на Естонија, Георге Крету и одлично ја предводеше Македонија до победа од 3-0.
“Пред натпреварот бевме цврсто решени да направиме чекор повеќе од минатата година и со победа да се пласираме во финалето. Токму тие два нокаута и тешки порази од Естонија како да ни беа добар шамар за освестување од кои извлековме добра поука. Сите сме пресреќни, ова е голема ноќ за одбојката кaj нас и воопшто за спортот во Македонија. Утре не очекува финале, нов натпревар нова авантура и предизвик за нас. Словенија е селекција која денеска премногу лесно се справи со Полска, тим со кој во финишот на минатата сезона игравме рамноправно, па верувам дека можеме повторно да ја совладаме”, изјави за спортскиот портал „Екипа“ Ристоски.
Вечерва од 20 часот ќе играме со Словенија за трофејот. Интересно е што и тие како и Естонците дојдоа на Ф4 турнирот без пораз во фазата по групи и со 10 победи.
„Честитки за Македонија. Вечерва покажаа како може со тимска игра да се надигра секој противник. Беше тоа израмнет натпревар, но неколку топки решаваа и Македонците успеваа да ги освојат. Така беше во првите два сета, а потоа во третиот сет беше скршен нашиот отпор. Се обидовме да се извлечеме на самиот крај, но не успеавме. Сега не вреди да се говори дека истиот противник го победивме двапати во групната фаза. Македонија заслужено ќе игра во финалето“, изјави капитенот на Естонците, Керт Тобал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.