| четврток, 6 декември 2018 |

Србиновски: Задоволен сум од подготовките, продолжуваме со пеколно темпо

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Марјан Србиновски, заедно со претседателот на МКФ Петар Наумоски и репрезентативците Марко Симоновски и Александар Костовски утринава го заедно со новинарите го испија утринското кафе.
Тие беа на располагање да одговорат на сите прашања кои им го поставија преставниците на седмата сила во екот на подготовките за престојното Европско првенство што започнува во септември. Македонија учествува во групата која се игра во Загреб.
По првите три подготвителни натпревари и три победи (Украина и Израел двапати), апетитите кај селекторот и репрезентативците пораснаа, и по најновиот неофицијален ранкинг на ФИБА и скок од пет места, Костовски и Симоновски ветија беспоштедна битка на секој тренинг и натпревар до почетокот на првенството.
Полуларниот Марче нагласи дека е задоволен од подготовките, кондициската подготвеност на репрезентативците и резултатите во првите три натпревари.

– Секако дека трите победи се добредојдени за подигнување на атмосферата и моралот на екипата. Сите кошаркари се задоволни и влеваат надеж дека може да се подобри играта. Во следниот период ќе работиме на добрата одбрана и транзицијата во контранапад, како би можеле да стигнеме до лесни поени. Од Хендрикс сум задоволен, но тој треба уште многу да работи на кондицијата. Се надевам дека ќе биде подготовен до почетокот на првенството. Соработката со спортскиот директор Заре Марковски е на завидно ниво и од него може сите да научат – изјави Марјан Србиновски.

Еден од носителните на играта и организатор на теренот, бекот на Куманово, Александар Костовски и очекува оваа подмладена репрезентација да го достигне зенитот во годините што следат.

– Одличната генерација која веќе 10 години игра заедно уште од помалите селекции подпомогната со првата „ѕвезда“ и искуството на еден Влатко Илиевски може да одигра одлично Европско првенство. Покрај Влатко во составот се и браќата Стојановски кои веќе имаа големо искуство зад себе во репрезентацијата како и повратникот Предраг Самарџиски кој е огромно засилување под кошевите. Останатите кошаркари лесно се вклопуваат во идеите на селекторот и спортскиот директор и се повеќе се подобруваат во играта. Посакувам оваа репрезентација да игра уште долго заедно и да покажеме дека можеме да се носиме и со најсилните европски репрезентации – додаде Костовски.

Кошаркарите денеска ќе тренираат во Гевгелија, а утре ќе го одиграат последниот пријателски меч на домашен терен, против Венецуела. Потоа пред четата на Србиновски ќе останат пресметките во Шпанија, Литванија и во Летонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top