| четврток, 6 декември 2018 |

Андреев: Публиката ќе биде мотив плус за подобро издание на Вардар

vardar

Вардар има добар резултат од Кипар и меч-топка за елиминација на АПОЕЛ, а сигурно ќе има огромна поддршка од своите навивачи на „Филип втори“ арената, утре од 20 часот, што ќе им даде дополнителен елан и крилја на играчите во „црвено-црни“ дресови.

Резултатот 0-0 од Никозија ветува, но играта мора да биде подобра и поофанзивна за да се елиминира фаворитот на хартија.

„Нема да чувствуваме притисок од домашните навивачи затоа што е прекрасно да се игра во таква атмосфера. Колку повеќе навивачи ќе бидат присутни навивачи, толку ќе биде подобро за нас. Фудбалерите се професионалци и тоа ќе им биде само мотив повеќе, не и притисок“, изјави тренерот на Вардар, Сергеј Андреев.

Со стара руска поговорка која вели „Не треба да се дели кожата на мечката пред да биде скротена“, рускиот стратег повика на внимание и да не се создава еуфорија како работата да е завршена по поволниот резултат од првиот меч.

И играчите се свесни за предизвикот кој нуди меч во третото коло веројатно со Митјиланд, рунда која е претпоследна станица до пласман во фазата по групи во ЛШ. Сон што не станал јаве за ниту еден наш тим од осамостојувањето на Македонија.

„АПОЕЛ беше фаворит во пресрет на овој двомеч, но по првиот натпревар сега шансите се 50-50. Дуелот во Никозија беше напорен за нас, но одговоривме на тој предизвик, што ни дава оптимизам за уште подобра игра во Скопје. Резултатот 0-0 не ветува ништо, но ни дава надеж дека можеме да стигнеме до следната рунда. Во Скопје пред нашите навивачи треба да покажеме подобра игра, да играме поофанзивно и да го притиснеме противникот повеќе да мисли на одбраната. Верувам дека можеме да ја продолжиме европската авантура“, изјави Никола Глигоров.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top