| четврток, 6 декември 2018 |

Топлото време ја вжешти линијата на „Ало докторе“

ало

На телефонската линија за медицински совет „Ало докторе“, од 15 септември минатата година до вчера, се јавиле 43.177 лица.

Од Здравствен дом Скопје соопштија дека од 13 јули до 19 јули за медицински совет на линијата имало 1.113 повици.

Линијата е достапна секој ден 24 часа со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација во моментот на појава на какви било симптоми на нарушување на здравјето.

Дваесет и двајца доктори се достапни за медицински совет, а јавувањата се од граѓани од сите градови на Македонија.

На сите тие лица што се јавиле на телефонската линија „Ало докторе“ им е дадена соодветна медицинска помош преку здравствен совет и соодветна симптоматска терапија. Јавувањата во последната седмица се со широк спектар на најразлична симптоматологија, најчесто за главоболки, стомачен вирус, зголемен крвен притисок и симптомна болка.

Поради високата температура на линијата многу често се јавуваат граѓани за совети и препораки поврзани со топлото време, за совети за убоди од инсекти, заштита од сонце и совети околу терапијата за хронични болести.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top