Најновата научно-фантастична акција на Марвел студиос и Дизни, филмот „Ант Мен“, во чијашто реализација на визуелните ефекти беше вклучена и македонската компанија ФХ3Х, вечерва премиерно ќе биде прикажан во Скопје.
Кристијан Даниловски, косопственик и извршен продуцент во ФХ3Х, истакна дека овој проект го работеле во соработка со МПЦ Техноколор.
– Од првиот Ајронмен 2 во 2010 година, ова е деветти Марвелов филм на кој сме работеле, и горди сме на континуитетот во квалитет наспроти динамичните промени во технологија и начин на работа во нашата индустрија во последните пет години, вели Даниловски.
Антмен или човекот-мравка, според најавите, е доказ за Марвеловата способност да внесат различност во креирањето суперхерои, дури и малку ексцентричност, и тоа без да потпаднат во шаблонот, и да ја зачуваат својата стабилност во базата на фанови.
Филмот, кој изобилува со хумор, ја раскажува приказната за малиот крадец Скот Ланг (толкуван од Пол Руд) кој му помага на својот херој д-р Хенк Прим (Мајкл Даглас), со тоа што се согласува да го носи костумот на Антмен и да се намали до големина на мравка за да изведе грабеж со кој ќе го спаси светот и човештвото.
Филмот премиерно ќе биде прикажан вечерва во киното „Синеплекс“ со почеток од 20 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.