И додека се восхитуваме на природата која може да се најде ширум светот, остануваме незапознаени со регионите на нашата татковина. А има толку многу убавини, за кои се потребни денови за да се впијат впечатоците. Во продолжение, ви ги прикажуваме 10-те најубави села во Македонија, кои се рај за очи и мелем за душа.
Богомила
Село Богомила се наоѓа во централниот дел на Република Македонија, во пазувите на Јакупица, Даутица и планината Бабуна. Сместено е во горното сливно подрачје на река Бабуна на надморска височина од околу 500 метри. Оваа ридско-планинска населба има извонредно пријатна микроклима и претставува вистинска оаза за одмор на сите оние кои сакаат да избегаат од градскиот метеж. Пријатноста на просторот е надополнет со околните шуми, пространи ливади и секако бистрите и брзи води на река Бабуна, која тече низ селото.
Теово
Теово е рамничарско село на надморска височина од 260 метри во источниот дел на областа Азот околината на градот Велес, сега административно припаѓа на Општина Чашка. Селото се наоѓа во средното сливно подрачје на реката Бабуна, на 30 километри оддалеченост од градот Велес.
Галичник
Сместено под пазувите на Бистра. Ова е место ве пленува и во зима, и во лето, поради чудесната хармонија меѓу Мавровско езеро и околните планини.
Гари
Бисер на мијачкиот крај.. Недопрена убавина на природата која те тера да се замислиш и да не можеш да решиш во кое годишно време е поубава.. Во ваков планински предел токму како грозд, под планината Стогово е распослано мијачкото село Гари.
Лазарополе
Лазарополе претставува едно од највисоките (1350 метри) и најубавите села во Република Македонија. Се наоѓа на прекрасна локација во југозападниот дел на живописната планина Бистра, со извонреден поглед кон долината на Мала (Гарска) Река и планината Стогово.
Беличица
Селото Беличица се наоѓа во северо-западниот дел на Р. Македонија во близина на Гостивар. Чистиот планински воздух како и природните убавини привлекуваат многу луѓе да го посетат ова планинско место, особено во летниот период.
Долно Дупени
На 34 километри од градот Ресен, сместено во подножјето на Баба Планина, на само неколку стотини метри од Преспанското езеро, селото Долно Дупени е вистински рај за оние кои што сакаат да се одморат од градските гужви. Уште додека се движите кон селото, по тесниот, асфалтиран пат може да го почувствувате опојниот мирис на преспанската јаболка, на пченица и пченката. Долно Дупени е село кое изобилува со убавини кои што можат да ги почувствуваат само оние што ќе допатуваат овде.
Куклица
Легендата вели дека многу одамна во селото Куклица се случила голема трагедија. Момчето, во кое една девојка била бескрајно вљубена, се оженило со друга, поради што разочараната девојка ги проколнала младенците. Кога дошол свадбениот ден, навидум се било во ред: се собрале сватовите, стасале и другите гости, веселбата почнала. Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка. Селаните го викаат местото „Весела свадба“ зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети „кукли“, и местото го добило своето име – Куклица.
Миравци
Над селото Миравци постои црквата „Свети Константин и Елена“ која е изградена во поново време, најверојатно на место од постара црква, со оглед на времето од кое датираат гробовите во нејзиниот двор. На ридовите над Миравци, кои се дел од источното подножје на планинскиот масив на Кожуф, се наоѓа излетничкото место „Бел Рај“. Во близината на селото Миравци, на патот кон селото Петрово се наоѓа и вештачко езеро.
Брајчино
Брајчино е старо (повеќевековно) христијанско село. Во различна форма името Братучина, Братичка и Брајчино се споменува во повеќе извори од различни историски периоди: најрано во турските дописни документи за казата Горица, во 1900 во делата на Васил Канчов, 1902 год кај Лев Огненов, а во поновата историја во делата на Мето Јовановски.
извор: block.com.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.