„Свети Еразмо“ е пештерна црква во близина на Охрид, во карпите, десно од патот што води од Охрид кон Струга. Овој светец локалните жители го прославувале уште од времето на Климент и неговата школа, прифаќајќи го неговиот култ уште во претсловенскиот Охрид, Лихнидос.
– Секогаш, секоја година и кога ќе ми текне во текот на годината секогаш доаѓам и ми е убаво на душата – вели еден од посетителите.
Св Еразмо бил еден од 14 светци помагачи во неволја и заштитник на патниците. По повод славата на манастирот „Свети Еразмо Охридски“, Дебарско-кичевската епархија, вечерта на 14 јуни, во манастирот „Свети Еразмо Охридски“ во Охрид служеше празнична вечерна богослужба на која чиноначалствуваше неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј. Автомобили од сите страни, врвици луѓе што пеш тргнале да се поклонат и да запалат свеќа на големиот свештеномаченик. Овој голем христијански празник има посебно место во срцата на охриѓани бидејќи се смета дека токму Свети Еразмо ја има можеби најголемата улога во ширењето на христијанството во некогашен Лихнидос или денешен Охрид.
Осаменоста на оваа пештерна црква на овој дел од брегот на Охридско Езеро, стеснетоста на користениот простор и некои други елементи укажуваат на тоа дека се работи за поединечни испосници или сосема мало калуѓерско братство што живеело во малите конаци покрај пештерната црква. За да стигнеме до неа поминавме по педесетметарска патека, која од едната страна е обрабена со камен ѕид, а од другата со дрвја и грижливо одгледувани цвеќиња. На нејзиниот почеток е изградена чешма, која, се верува, ги мие гревовите.
– Дури не се покрсти водата не смее да се полни за здравје, крстената вода не смее да капне долу, прво треба да се напиеш, па да се измиеш. Ако имаш деца дома да ги искапиш и потоа со крстена вода да ги измачкаш, таков обичај имаме ние охриѓани – велат локалните жители.
Охриѓани, но и повеќето возачи што поминуваат оттука знаат дека токму овде се случуваат многу сообраќајни несреќи со тешки последици и затоа речиси нема возач и патник што поминувајќи покрај црквата нема да се прекрсти.
– Ние секогаш полниме вода и се прекрстуваме кога поминуваме одејќи кон Охрид или враќајќи се оттаму. Постојано му даваме благослов на светецот, дофрлуваат други.
Свети Еразмо Охридски меѓу народот е познат како заштитник на патниците и на возачите, но и како чинител на многу чуда.
– Слушнав дека пред повеќе години едно семејство од Скопје од несреќа ги спасил чудотворецот Еразмо, поточно неговиот дух. Возачот подоцна со години редовно доаѓал да запали свеќа во црквата. Раскажувал дека брзо возел и наеднаш пред него, во подножјето на црквата, се појавил човек во бела облека и кога го видел тој веднаш ја намалил брзината. Верува дека духот бил Еразмо, кој потоа исчезнал, a возачот продолжил полека да вози кон Охрид, ни раскажа еден посетител.
Познавачите велат дека со изградбата на новиот пат била затрупана чудотворната вода и сѐ додека таа не се ослободи несреќите ќе се повторуваат. Историчарите на уметност посочуваат дека тој навистина постоел, а имаат и податоци за неговата чудотворна моќ. Многу западноевропски градови велат дека кај нив се моштите на св. Еразмо, но најмногу неговата моќ се чувствува во близината на Охрид.
Со името на св. Еразмо е поврзано верувањето дека тој бил првиот проповедник на христијанството во овој град каде што со илјадници ги покрстувал на Бело Езеро. Бидејќи Охрид бил најзначајното извориште на неговиот култ во средниот и во доцниот среден век, на Еразмо токму овде му е посветена пештерна црква, близу до брегот на езерото, во самата „утроба“ на издигнатиот Габавски Рид на кој се откриени културни напласти и од претхристијанскиот период, каде што е сѐ уште загадочната тврдина со киклопски ѕидини од времето на македонските кралеви.
На околу двесте метри југоисточно од манастирскиот комплекс, откриена е старохристијанска базилика од 3 до 4 век, исто така посветена на св. Еразмо. Живописот во пештерната црква е сочуван во три сликарски фази, а во најстарата од нив е идентификуван ликот на св. Еразмо, кој потекнува од 13 век. Најголемо внимание во оваа пештерна црква заслужуваат портретите на св. Еразмо и ликот на византискиот император Андроник Втори Палеолог.
– Често доаѓаме овде. И лани бев, секоја година сум тука за празникот. Доаѓам, палам свеќи за здравје, за домашните итн. – велат охриѓани.
Од многуте преданија и верувања поврзани со овој светец, кај народот особено внимание привлекува големата чешма што се наоѓа веднаш под патот, а во близина на црквата.
– Ако веруваш е лековита и служи за многу работи и за деца и за возрасни. Но ако не веруваш, некако како да не се фаќа многу – ни рекоа охриѓани.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 147. број на неделникот „Република“, 26.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Кашкавалот од Лазарополе се продавал дури и во Египет
-
„Македонија: земја на питите, страста и изобилството“: прекрасна странска репортажа за храната
-
Јадранскиот град кој полека умира: Беше иднина на Мусолини, стана жртва на систематско запоставување