| четврток, 6 декември 2018 |

Црногорецот Мијушковиќ седмо засилување за Вардар

mijus

Црногорскиот интернационалец Немања Мијушковиќ е седмото летно засилување на македонскиот првак Вардар и ќе биде еден од столбовите на одбраната на „црвено-црните“ во следните три години.

Досегашниот стопер на Рудар од Плевља се наметна на подготовките на Вардар во Австрија и потпиша тригодишен договор. Мијушковиќ има 23 години и интернационално искуство со настапи во руските екипи Динамо Москва и Амкар Перм, а одреден период играше и за Сараево.

– Среќен сум што потпишав за Вардар, за амбициозен клуб кој со големи чекори оди напред. Од тренинзите и натпреварите тука во изминатите неколку дена имав шанса да се уверам дека тоа е така и навистина сум среќен што официјално станав дел од овој колектив. Благодарност до раководството и до стручниот штаб за укажаната доверба – изјави Мијушковиќ за официјалната веб-страница на ФК Вардар.

Црногорецот ќе може да игра веќе во второто квалификациско коло за пласман во Лигата на шампионите против кипарскиот шампион Апоел. Тие дуели се закажани за 14 и за 21 јули.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top