Околу 40 илјади повици се реализирани на телефонската линија за медицински совети „Ало докторе“, што функционира девет месеци.
– Само во текот на изминатата недела, регистрирани се вкупно 859 повици од граѓани низ целата држава- информира денеска Министерството за здравство.
Со јавување на телефонскиот број (02) 15123 граѓаните може да добијат стручен медицински совет за одредена здравствена состојба, симптоматска терапија, а по потреба повикот може да биде пренасочен кон Службата за итна медицинска помош.
За функционирањето на телефонската линија „Ало докторе“, ангажирани се 22 доктори од повеќе различни специјалности.
– Во овој период, кој го карактеризираат повисоки температури, граѓаните често се јавуваат за медицинска консултација за покачен крвен притисок, стомачни болки и дијареа- стои во соопштението од МЗ.
Регистрирани се и повици за поспецифични случаи, како на пример човек кој бил каснат од змија во потколеницата за време на престој во планинско место, веднаш се јавил на телефонската линија „Ало докторе“ и му биле дадени стручни совети како да постапи додека да стигне до најблиската здравствена установа. Регистриран е случај на повозрасна жена со појава на алергиска реакција со отежнато дишење и симптоми на гушење. Сосетката на жената ја повикала линијата „Ало докторе“ и им биле дадени совети за постапување додека да пристигне медицинска екипа на Итната медицинска помош.
Повикувачкиот центар е сместен во просториите на Итната медицинска помош до поликлиниката „Букурешт“, а бројот (02) 15123 е достапен 24 часа за граѓаните од целата држава
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.