Во Театарот за деца и младинци вечерва премиерно ќе биде изведена претствата за млади „Заспаниот разум раѓа чудовишта“ или „Денес не напишав ни збор“ во режија на Владимир Милчин.
Режисерот Милчин денеска на прес-конференција рече дека за оваа режија го фасцинирале животот на Франциско Гоја, кој бил гонет од Фернандо Седми, и на Данил Хармс, кој умрел од изгладнетост во затвор во Ленинград, во времето на Сталин.
Иако шпанскиот сликар и рускиот писател ги делат два века и илјадници километри, Милчин прави тие да се сретнат на сцената зашто, како што рече, може да кажат нешто што сите го знаеме и чувствуваме на универзален начин.
– Сублимат на нивните животи е дека времињата се менуваат, а владетелите не. Историјата на човештвото не оди по некаква права, нагорна линија, која постојано води кон некаков прогрес, туку таа често се соочува со тоа дека со неа управуваат владетели кои немаат многу разбирање кон оние кои за нив, за нивното време и владеење се изразуваат критички… Отсуството на Бога или присуството на некаков Бог кој, всушност, се забавува на наша сметка, е нешто што ги врзува многу длабоко, и Хармс, и Гоја. Оваа претстава го тера гледачот сопствениот живот да го става во споредба со животите на сцена. Таа не се однесува директно на реалноста во која живееме, но на еден друг начин кажува нешто што театарот е должен да го изговори – рече Милчин.
Втората фасцинација да ја работи претставата е Театарот за деца и младинци зашто, рече тој, ваква претстава не би можел да работи на ниедно друго место и со ниту еден друг ансамбл.
– Никаде не бил презел таков ризик, зашто ова беше ризик. Беше ризик кој се исплатува. Актерите овде се бескрајно љубопитни и отворени за работа, подготвени да зачекорат во просторот на непознатото. Претставата има една душа која сите тие ја споделуваат, додаде режисерот.
Основа на првиот дел од насловот (Заспаниот разум раѓа чудовишта) е наслов на една графика на Гоја од серијалот „Лос Капричос“, а за вториот дел од насловот послужиле извадоци од делата на Хармс – текстот е компилација од негови раскази, драми, од дневникот и од записници на неговото судење. За сцени од животот на сликарот се користени и одломки од „Сонот на разумот“ од Антонио Буеро-Ваљехо.
Директорот на Театарот за деца и младинци Драган Довлев очекува дека и оваа претстава ќе има голем успех како и „Нашиот клас“, со која лани ТДМ освои Гран-при на меѓународниот Јоаким интерфест во Крагуевац.
Довлев го игра ликот на Франциско Гоја, а како Данил Хармс ќе настапи Мартин Јорданоски. Во актерската екипа се и: Мики Анчевски, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Ана Левајковиќ, Тања Кочовска, Емра Куртишова, Наташа Петровиќ, Симона Спировска и Бојан Кирковски. Сценограф е Крсте Џидров, костимограф Марија Пупучевска, а изборот на музиката е на режисерот Милчин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.