| четврток, 6 декември 2018 |

Претстава инсписирана од животите на Гоја и Хармс

Основа на првиот дел од насловот (Заспаниот разум раѓа чудовишта) е наслов на една графика на Гоја од серијалот „Лос Капричос“, а за вториот дел од насловот послужиле извадоци од делата на Хармс ­ текстот е компилација од негови раскази, драми, од дневникот и од записници на неговото судење. За сцени од животот на сликарот се користени и одломки од „Сонот на разумот“ од Антонио Буеро­ Ваљехо

„Заспаниот разум раѓа чудовишта или денес не напишав ни збор“ е насловот на новата претстава во Театарот за деца и младинци  чија премиера е закажана за утре во 20 часот.

Режисер на претставата е Владимир Милчин кому ова му е втора младинска претстава со ансамблот на Театар за деца и младинци, по „Нашиот клас“.

Драган Довлев го игра ликот на Франциско Гоја, а како Данил Хармс ќе настапи Мартин Јорданоски. Во актерската екипа се и: Мики Анчевски, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Ана Левајковиќ, Тања Кочовска, Емра Куртишова, Наташа Петровиќ, Симона Спировска и Бојан Кирковски. Сценограф е Крсте Џидров, костимограф Марија Пупучевска, а изборот на музиката е на режисерот Милчин.

DSC_8141 (2)

– Ова е трета претстава за младинци во последните четири години во ТДМ, по „Декамерон“ и „Нашиот клас“, со која постигнавме огромен упех, не само дома, туку и во странство. Бидејќи екипата што победува не се менува, затоа решивме да го составиме истиот тим и да направиме нова претстава – изјави директорот на ТДМ Драган Довлев.

Милчин денеска на прес­конференција рече дека за оваа режија го фасцинирале животот на Франциско Гоја, кој бил гонет од Фернандо Седми, и на Данил Хармс, кој умрел од изгладнетост во затвор во Ленинград, во времето на Сталин.

– Иако шпанскиот сликар и рускиот писател ги делат два века и илјадници километри, заклучивме дека нивните судбини се многу слични. Може да кажат нешто што сите го знаеме и чувствуваме на универзален начин. ­ Сублимат на нивните животи е дека времињата се менуваат, а владетелите не. Историјата на човештвото не оди по некаква права, нагорна линија, која постојано води кон некаков прогрес, туку таа често се соочува со тоа дека со неа управуваат владетели кои немаат многу разбирање кон оние кои за нив, за нивното време и владеење се изразуваат критички. Отсуството на Бога или присуството на некаков Бог кој, всушност, се забавува на наша сметка, е нешто што ги врзува многу длабоко, и Хармс, и Гоја. Оваа претстава го тера гледачот сопствениот живот да го става во споредба со животите на сцена. Таа не се однесува директно на реалноста во која живееме, но на еден друг начин кажува нешто што театарот е должен да го изговори – рече Милчин. Според режисерот, втората фасцинација да ја работи претставата е Театарот за деца и младинци зашто, како рече тој, ваква претстава не би можел да работи на ниедно друго место и со ниту еден друг ансамбл. ­

DSC_8159 (2)

– Никаде не бил презел таков ризик, зашто ова беше ризик. Беше ризик кој се исплатува. Актерите овде се бескрајно љубопитни и отворени за работа, подготвени да зачекорат во просторот на непознатото. Претставата има една душа која сите тие ја споделуваат – додаде Милчин.

Основа на првиот дел од насловот (Заспаниот разум раѓа чудовишта) е наслов на една графика на Гоја од серијалот „Лос Капричос“, а за вториот дел од насловот послужиле извадоци од делата на Хармс ­ текстот е компилација од негови раскази, драми, од дневникот и од записници на неговото судење. За сцени од животот на сликарот се користени и одломки од „Сонот на разумот“ од Антонио Буеро­ Ваљехо.

DSC_8170 (2)

Довлев очекува дека и оваа претстава ќе има голем успех како и „Нашиот клас“, со која лани ТДМ освои Гран­при на меѓународниот Јоаким интерфест во Крагуевац.

Дел од актерската екипа во претставата се согласи дека во процесот на подготовка тие зачекориле малку подлабоко, во некои нови води и направиле искчекор, многу истражувале.

– Јас не бев дел од актерската екипа во „Нашиот клас“ и првпат во овој театар не играм принцеза. Мислам дека ова ќе биде прекрасна претстава која што заслужува посебно внимание – изјави Тања Кочовска-Павловска, актерката во ТДМ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top