Под мотото „Македонија силна!“ вечер пред Собранието на Република Македонија голема народен собир ќе одржи владејачката ВМРО-ДПМНЕ и партиите од коалицијата „За подобра Македонија“.
– Со собирот за поддршка на Македонија, зад кој стои ВМРО-ДПМНЕ, ќе покажеме дека оваа држава има народ со крената кичма и нема да дозволи некој однадвор, со инструмент и полтрон на нечии интереси, да ја руши државата, да руши легитимно избрана власт и да спроведува други сценарија – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во интервју пред два дена.
На собирот кој го организира ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „За подобра Македонија“, како што рече Груевски, ќе се искаже поддршка на државата во овие тешки моменти, за сите кои се борат за Македонија, за безбедносните сили, за сите сили коишто даваат напори Македонија да излезе од овој процес, да се заврши оваа криза и да се продолжи по патеките на напредокот, на отворање нови работни места, на носење крупни инвеститори во Македонија, на зголемување на платите, на пензиите, на социјалната помош, по патеките на силна поддршка на земјоделците.
– Тој собир сигурно ќе биде ненасилен, сигурно ќе биде мирен, но сигурно ќе биде моќен и силен од аспект на присутноста на граѓаните затоа што јас знам дека граѓаните го препознаа овој кукавички чин што го прави Заев, против сопствената држава, а за својот личен интерес – рече Груевски.
Во повикот на ВМРО-ДПМНЕ за митингот, се наведува дека, партијата, како и секогаш досега ќе се бори за стабилна, силна и економски развиена Македонија и нема да дозволи заради ниту еден личен или партиски интерес државата да биде втурната во правец кој ќе е на штета на секој еден граѓанин на Македонија.
– ВМРО-ДПМНЕ заедно со македонскиот народ, со сите граѓани, со Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и сите други ќе излезе на голем народен митинг за поддршка на стабилна и силна Македонија. Граѓаните на Македонија ќе излезат на улиците на Скопје за да покажат дека се борат за почитување на правото на глас, за почитување на изборната волја, за отварање нови работни места, граѓаните на Македонија ќе покажат дека се борат за новите фабрики и автопати – се вели, меѓудругото, во текстот.
Во изминатите два дена поддршка за собирот искажаа повеќе политички партии, групи и граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.