| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија на Канскиот филмски фестивал

На годинашниот Кански филмски маркет, преку Агенцијата за филм на Република Македонија, ќе има проекција на четири филма: „Медена ноќ“ на Иво Трајков, „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски, „Шишка де Лукс“ во режија на Јан Цвитковиќ и „Жената на мојот живот“ на Антониј Дончев

Агенцијата за филм на Република Македонија по шести пат во склоп на павилјонот на земјите од Југоисточна Европа се претставува на Филмскиот маркет на 68. издание на Канскиот филмски фестивал што почна синоќа и ќе трае до 24 мај.

kanski 2015

 

Во текот на овие денови, Агенцијата ќе ја промовира македонската кинематографија со најновата филмска продукција, Македонија како дестинација за снимање филмови каде што со правото на поврат на средства во износ од 20 отсто треба да се привлечат странските продукции да снимаат филмови, можностите за копродукција, промоција на македонските филмски фестивали и други проекти од областа на филмската дејност.

tri-dena-vo-septemvri-prva-klapa

Од снимањето на филмот „Три дена во септември“

Оваа година Република Македонија ја слави и 110-годишнината од филмското творештво и опус на браќата Милтон и Јанаки Манаки. Годишнината ќе биде во фокус на македонската забава која ќе се одржи на 17 мај со почеток од 17.00 часот на која се очекува присуство на голем број на професионалци од областа на филмската индустрија (селектори на фестивали, директори на филмски маркети, дистрибутери, продуценти, селс агенти). На забавата, на филмските професионалци од целиот свет ќе им биде доделен промотивен материјал во чест на браќата Манаки кои се подготвени од страна на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Агенцијата за филм, Кинотеката на Македонија и градот Битола. На забавата гостите ќе уживаат во македонските вина.

На годинашниот Кански филмски маркет, преку Агенцијата за филм на Република Македонија, ќе има проекција на четири филма: „Медена ноќ“ на Иво Трајков, „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски, „Шишка де Лукс“ во режија на Јан Цвитковиќ и „Жената на мојот живот“ на Антониј Дончев.

Светозар Ристовски, режисер и продуцент на продуцентската куќа „Смол мувис филмс“ (Small Moves Films), е овогодинеш македонски претставник меѓу дваесет од најдинамичните нови продуценти од цела Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top