Македонија по вторпат како малцинска копродукција учествуваше на најпрестижниот филмски фестивал во светот.
Преку „Сестри и брат Митевски продукција“ Македонија учествува во најновиот филм на генијалниот Нури Билге Џејлан – „Дивата круша“, кој беше во главната натпреварувачка програма и имаше извонреден прием од публиката и критиката.
„Дивата круша“ на последниот натпреварувачки ден на Канскиот филмски фестивал ја имаше својата премиера на 18 мај. Екипата уште пред да почне проекцијата беше дочекана со 15-минутни овации во огромната сала „Лумиер“ во Фестивалската палата во Кан. Салата, која сместува 2 300 гледачи, се преплави од емоции по тричасовниот најнов филм на Нури Билге Џејлан и заглушувачкиот аплауз од многубројниот аудиториум беше импресивен израз на одобрување и воодушевување од виденото. Пред публиката беше претставена целата екипа на филмот и најголемиот поздрав секако му беше упатен на Џејлан, кој очигледно е голем миленик на кнската публика. Во исто време во уште две сали имаше специјални проекции за новинари.
Следниот ден, на 19 мај, филмот со голем интерес беше проследен на фестивалската прес-конференција. За време на фестивалот Македонската филмска агенција беше вклучена во промоцијата на филмот и многумина филмски префесионалци, некои и со искрено завидување честитаа за нашето учество во овој врвен културен проект.
„Дивата круша“ доби неверојатно позитивни критики во најпрестижните светски медиуми, а строгите филмски критичари го оценија со најголем број бодови од сите филмови во официјалната конкуренција.
Питер Бредшоу од „Гардијан“ оценувајќи го со максимални пет ѕвезди вели: „Дивата круша“ е нежен, хуман, прекрасно направен и прекрасено изглумен филм на турскиот филмски режисер и поранешен победник на „Златна Палма“, Нури Билге Џејлан: луциден, хумористичен и нескротлив во својот
непогрешлив и многу привлечен стил.”
Престижниот „Варајати“ вели: „Уште едно визуелно богато камерно дело од Нури Билге Џејлан, кое гради прецизни реторички сцени со неверојатна густина … Достигнувањето е маестрално”.
Француската „Телерама“ вели: … “„За три часа и осум минути, Нури Билге Чејлан, на врвот на својата уметност, нуди семејна фреска со неспоредлива ширина…”
Британскиот „Телеграф“, оценувајќи го со пет ѕвезди вели: … Џејлан стручно го привлекува твоето око и уво кон драмата зад драмата, и им дава на најнежните природни сцени тежина и содржина на визии. Зборот визионерски во филмскиот бизнис веќе е истрошен до претерување, но со „Дивата круша“ Џејлан потсетува дека тој ја заработува секоја буква од тој збор.
– Со овој филм на Македонија ова и е второ учество во главната програма на Канскиот Филмски Фестивал и повторно бевме дел од врвната европска и нсветска културна сцена претставени и дочекани со најголема почит. Повеќе од достоинствено бевме претставени на овогодинешното издание на најголемата смотра на филмската уметност, каде може да се биде присутен само со најдобри и најквалитени проекти. Мора да се истакне важноста на институционалната поддршка, а воедно да се изрази и благодарност на Агенцијата за филм на РМ за овозможувањето на соработката со овој важен филмски автор, еден од најголемите во ова време.
Како мала земја мораме преку културата да се избориме за меѓународен углед и ова е еден од начините да ја градиме својата репутација. Мораме да се стремиме само кон врвот и ова е одличен пример како на вистински начин да ја претставуваме нашата култура – велат од продукцијата „Сестри и Брат Митевски“.
Нури Билге Џејлан е еден од најголемите европски и светски автори. Тој својата кариера ја запонува со краткиот филм „Коза“ кој во 1995 година е претставен на Канскиот филмски фестивал. Со својот трет филм „Узак“ ја добива наградата Гранд при и наградата на надобар актер во 2003. Со следниот филм во 2006 „Годишни времиња“ ја добива ФИПРЕСЦИ наградата повторно на Канскиот филмски фестивал. Во 2008 година ја добива канската „Златна палма“ за најдобра режија за филмот „Три мајмуни“ за да во 2011 со „Било некогаш во Анатолија“ повторно добие Гранд при, а во 2014 со
„Зимскиот сон“ добие Златната палма за Најдобар филм. Тој е секако еден од најуспешните режисери во историјата на Канскиот илмски Фестивал.
„Дивата круша“ е негов шести филм на Канскиот Филмски фестивал. Филмот е комплексна копродукција помеѓу седум земји, Турција, Франција, Германија, Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Шведска копродукција и со поддршка од Еуримаж. Македонија беше првата земја која се
вклучи во овој голем проект. Ова филмско остварување е поддржано како малцински проект од страна на Агенцијата за Филм на Република Македонија со 5.500.000 денари.
Целиот буџет на филмот е 2.900.000 евра. Агент за продажба на филмот е француската компанија Мементо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Јапонецот Хироказу Коре- Еда е годинашниот добитник на „Златната палма“ во Кан
-
Агенцијата за филм во Кан потпиша неколку договори за регионална и европска соработка
-
Македонија како дестинација за снимање филмови се промовира во „Холивуд репортер“
-
По вторпат во историјата, Канскиот филмски фестивал се отвора со шпански филм