Друштвото на филмски работници на Македонија потпиша меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за филм на република Македонија и Друштвото на филмски работници, во правец на зајакнување на заедничките заложби за подобрување на условите за работа, квантитетот и уметничките дострели на македонското филмско производство.
Друштвото на филмски работници на Македонија е основано далечната 1950-та година од самите доајени на македонскиот филм. Oва друштво претставува столб на нашата кинематографија, низ сите нејзини епохи и премрежја. Во него се среќавале и се среќаваат филмските дејци од сите генерации, со единствена цел, да го унапредат македонското кино производство и да обезбедат подобри услови за филмско творештво и егзистенција на оваа специфична општествена категорија наречена “филмаџии”. Од ова друштво произлегле идеите за речиси се што денес се нарекува – македонска кинематографија. Дури и основањето на Филмски фонд на Р.М, денес Агенција за филм е иницијатива на членовите на ДФРМ.
Овој меморандум за соработка е од огромно значење, бидејќи со него се официјализира институционалната поддршка од страна на Агенцијата за филм кон ДФРМ, најстарата “жива” македонска филмска институција. За возврат, Агенцијата за филм добива партнер во заедничките заложби за унапредување на македонскиот филм и креирањето на современа и прогресивна културна политика за зацврснување и втемелување на нашата мала кинематографија во европското филмско семејство.
Друштвото на филмски работници на Македонија е единствената наша филмска институција призната од страна на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, поради што поседува лиценца за избор на национален кандидат за Оскар од неанглиско говорно подрачје. ДФРМ е основач и организатор на ИФФК Браќа Манаки, постојан член во ИМАГО и други светски организации и асоцијации на филмски професионалци. Во периодот што следува, активностите на Друштвото ќе бидат насочени кон внатрешно консолидирање, интегрирање на младите филмски творци, едукација, промоција на македонскиот филм, активно учество во креирањето на националната културна стратегија во доменот на подвижните слики и наше подлабоко инволвирање во европскиот систем на филмски институции.
Агенцијата за филм на Република Македонија е институција задолжена за селекција, финансирање и евалуација на филмови и други проекти од областа на кинематографијата, негувајќи ги притоа европските филмски вредности, принципите на културна диверзификација, квалитет, транспарентност, отвореност и космоплитизам. Нејзините актуелни приоритети се фокусирани кон стимулација и развој на оригинални идеи преточени во филмски сценарија, како и поголема вклученост на жените во сите области од филмското производство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Младите синеасти во фокусот на Европската програма Less is more (LIM)
-
На фестивалот во Олденбург, Агенцијата за филм ќе ја претстави Македонија како атрактивна дестинација за снимање
-
Агенцијата за филм во Кан потпиша неколку договори за регионална и европска соработка
-
Агенција за филм на 71. издание на Канскиот филмски фестивал