Еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, побара разјаснување на она што се случи викендот во Куманово во Македонија и посочи дека настанот не треба да ги одвлече Владата и опозицијата да почнат да соработуваат и да го решат политичкиот проблем во земјата.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан исто така побара од сите во Македонија, но и во соседството на земјата, да реагираат внимателно, обединето и целно на транспарентен начин.
Посочувајќи дека има три јасни пораки за терористичкиот напад во Македонија, еврокомесарот за преговори за проширување истакна оти првата е дека сите сме загрижени за тоа што се случи преку викендот.
– Затоа, ги повикуваме сите инволвирани страни и чинители да соработуваат во разјаснувањето на тоа што се случи, кој беше надлежен, како и тоа кој е одговорен за тоа и да се делува обединето за ова прашање. Второ, овој напад и настан не може и не треба да го одвлекува вниманието од многу сериозната внатрешно-политичка ситуација во Македонија, каде ургиравме Владата, но и опозициската партија да почнат да соработуваат и да ја решаваат – истакна Јоханес Хан.
Според наследникот на Штефан Филе на чело на процесот на проширување на Европската унија, на настаните во Куманово „не треба да се гледа како можност да се остави на страна решението на фундаменталниот проблем со кој се соочува земјата”.
– И трето, овој напад и настан не треба да се користи за да се креира понатамошна комплексност со воспоставување на етнички тензии во системот. Ова треба да се избегнува и навистина барам од сите, одговорните луѓе во земјата, но и во соседството, да реагираат внимателно, обединето, целно и на транспарентен и следлив начин – посочи Хан.
На прашањето дали планира да ја посети Република Македонија, Хан рече дека засега тоа не му е во план, но оти во неговата работа мора да се биде флексибилен, па дека во тој поглед и тоа не е исклучено.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.