Еден од најреномираните современи автори од Малта, Имануел Мифсуд, добитник на Европската награда за литература, е гостин на издавачката куќа „Готен“ на Саемот на книгата. Токму награденото дело на Мифсуд „Во името на таткото (и на синот) тукушто излезе од печат во едицијата „Контемпоранеа“ на Готен и ќе биде промовирано, денеска во 17 часот, во Промотивниот центар на Саемот на книга. Книгата ја преведе Владимир Јанковски. Во чест на авторот, во просториите на Инфоцентарот на ЕУ в петок во 20 часот ќе се одржи дискусија на тема „Писателот и општествените трауми“, инспирирана и од тековните настани во земјава и во Европа, но и од темите што ги обработува делото на Мифсуд, а тоа се настаните за време на нацистичката окупација на Малта и повоените години. Во рамките на својот саемски престој во Скопје, Мифсуд, кој е професор по книжевност на Универзитетот во Малта, пред скопските студенти ќе одржи предавање на тема „Телата, светите тела и литературата“, теми кои се негова авторска и научна опсесија. Гостувањето и преводот на книгата од Мифсуд е овозможено преку програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.
Имануел Мифсуд (роден 1967 г. во Малта) го сметаат за водечки глас на малтешката генерација Икс. Нашироко е ценет за своите отворени и пластични прикази на современиот живот на Малта. Во 2005 година неговата збирка раскази Хемија предизвика многубројни контроверзии откако беше забранета поради „непримерна содржина“. Инцидентот се случи неочекувано откако неговата претходна книга, Чудните приказни на Сара Сју Семат, ја освои најпрестижната Национална награда за литература. За краткиот роман Во името на отецот (и на синот) ја доби престижната награда за литеарутра на ЕУ во 2011 година. Романот е смел експеримент помеѓу семејна хроника и дневник, во која Мифсуд вибрира меѓу маскулинизмот и женското пишување, надоврзувајќи се на исконските односи на релацијата татко-син. Тоа е една возбудлива и вознемирена проза, емотивно набиена и интелектуална, разгоропадено тематизирање на онтичките дилеми по татковата смрт. Роман за три генерации од едно семејно стебло се одвива пред очите на јавноста разоткиено од еден наизглед немушт раскажувач, кој не знае да направи селекција помеѓу она што треба да го изнесе во јавноста и она што се премолчува.
Имануел Мифсуд почнал да пишува поезија на шеснаесет години, а по завршувањето на Националната театарска академија поставува театарски претстави на отворено, по паркови и улици. Подоцна им се придружува на разни театарски групи режирајќи свои текстови, но и дела од познатите драмски автори. Тој предава малтешка поезија, критика и книжевна теорија на Унверзитетот во Малта и негов главен академски интерес се теоријата на телото и претставувањето на телото во литературата.
Во рамките на резиденцијалната програма за книжевници Имануел Мифсуд лани престојуваше цел месец во Скопје и имаше серија поетски читања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.