Македонија е рангирана на 37. место на листата на глобалната непрофитна организација „Сејф д чилдрен“ (Save the Children) за 2015 година за квалитетот на животот на мајките и децата што е скок за три места во однос на минатогодишниот извештај.
На листата од вкупно 179 држави опфатени со извештајот првите пет места ги имаат скандинавските земји – Норвешка, Финска, Исланд, Данска и Шведска. Последни пет земји на листата се Нигер, Мали, Централноафриканската Република, ДР Конго и Сомалија.
Од земјите во регионот најдобро е рангирана Словенија која се наоѓа на 15. место на листата, а најлабо Албанија на 82 позиција. Од останатите земји Грција е 19, следат Хрватска (30), Србија (35). Послабо рангирани од Македонија се Црна Гора (42), Бугарија (44), Босна и Херцеговина (54), Турција (65) и Романија (66).
Извештајот кој се објавува неколку дена пред Денот на мајките, ги оценува најдобрите и најлошите места да се биде мајка.
Во извештајот, меѓу другото, се става фокусот на животот на мајките и децата во урбаните средини каде разликите меѓу најбогатите и најсиромашните се најочигледни во главните и во големите градови во светот. Извештајот укажува и дека се зголемуваат разликите меѓу населението во урбаните средини во однос на пристапот до здравствена заштита. Во најголем дел од земјите кои се вклучени во истражувањето, децата кои живеат во најсиромашните урбани средини веројатноста да починат пред да наполнат пет години е двапати поголема во однос на децата кои живеат во најбогатите градски средини.
Од организацијата наведуваат дека високото ниво на детска смртност во предградијата се доли на мноштво фактори, меѓу кои, социјалните и економските разлики. Така иако во големите градови има повеќе здравствени установи, сиромашните не можат да си ги дозволат нивните услуги и често се објект на дискриминација. Во исто време, наведуваат, државните болници се соочуваат со системски недоволно финансирање и често не се од корист на оние на кои им е потребна најосновната здравствена грижа. На тој начин, велат, мајките и децата прибегнуваат кон т.н. исцелители кои понекогаш им го загрозуваат животот.
„Save the Children“ е глобална непрофитна организација која има за цел унапредување на здравјето на децата во светот. Рангирањето на државите на глобално ниво се базира на пет индикатори: здравјето на мајката, грижата за децата, образованието и економскиот и политичкиот статус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



