| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува празникот на книгата: Скопскиот саем на книга од 5 мај

Годинашниот Саем на книгата ги обедини сите изложувачи, така што овој саем е со најголема концентрација на книги и автори досега  и една од најатрактивните манифестации, чијшто број на посетители се движи околу 40.000.

Во Метрополис арена, на 3.000 квадратни метри, повеќе од 70 издавачи ќе се претстават на 27. по ред Саем на книгата на кој се најавуваат новитети, промоции, дружења со автори како и наслови кои публиката ги сака и бара.

IMG_4589

-Ова е саем што го истакнува убавиот пишан збор. Саемот на книгата 2015 година претставува жива збирка на многу дела, автори, литературни читања, стручна литература и многу пишани страни на кои има и што да се прочита. Сите кои се во потрага по било каква книга, посакуван наслов или литература, тоа ќе можат да го пронајдат токму овде, на Саемот на книгата, од 5 до 11 мај на Скопски саем – вели Валентина Димитрова, комерцијален директор во Скопски саем.

Саемот на книгата е една од најзначајните културни манифестации во земјата и на него ќе се претстават повеќе од 70 издавачи, меѓу кои најпознатите домашни, но и од регионот и Европа. Шведска, Италија, Косово, Албанија и Србија се земјите од кои годинава пристигнуваат изложувачите.

Од 5 до 11 мај на Саемот ќе може да се најдат дела од домашни и на странски автори, современи и класични литературни дела, стручна научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста.

Вообичаено богатата понуда на издавачката продукција овозможуваат силна конкуренција за избор на најдобро издание меѓу двата саема, најпродавана книга на Саемот, како и наградата за најдобар книжар на годината во Македонија кои се доделуваат од страна на Здржението на издавачи и книжари на Република Македонија, годинава, во сабота, 9 мај, во 19.00 часот.

Несомнено, огромно е значењето на Саемот на книгата, како една од најпосетените саемски манифестации кај нас, која учествува во создавањето на традицијата и култот кон пишаниот збор, кој секако ги обединува луѓето.

IMG_4596

Читателите секојдневно ќе може да ги следат промоциите на најновите изданија и нивните автори на голем број домашни и странски издавачки куќи во Промотивниот центар на Галеријата во Метрополис арена.

Тематската програма на промоциите вклучува: „Ден на македонска поезија“, „Промоција на млади автори“, „Ден на егзистенцијализмот“, „Големите светски талкачи“, „Ден на екранизирана уметност“, „Сонуваме ѕвезди“ – средба на децата со поетите.

Работното време на саемската манифестација е од 10.00 до 20.00 часот. Цената на влезниците за посетители е 30 денари, а за организирани групни посети – 20 денари.

Свеченото отворање на саемот е во понеделник, 4 мај 2015 година, во 19 часот во Метрополис арена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top