Дванаесетгодишно дете од тетовската населба Дреновец вчера починало откако врз него паднала метална шибер-врата во фабриката „Солидпласт“ во Непроштено, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
– Несреќата се случила околу 16 часот кога детето заедно со неговиот дедо и уште едно лице со возило дошле до Непроштено. Додека дедото го паркирал возилото, детето се обидувало да ја отвори металната шибер-врата, при што таа наеднаш се откачила и паднала врз него нанесувајќи му тешки телесни повреди особено во пределот на главата од кои на пат кон тетовската болница починало. Лекарите од болницата, каде што било донесено околу 16 часот и 40 минути, само ја констатирале неговата смрт – изјави Јосифовски.
Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово извршиле увид на местото на повредувањето кое било фотодокументирано, а биле земени и траги за вештачење и се работи на целосно расчистување на случајот.
– По барање на семејството и добиена согласност од јавниот обвинител, безживотното тело на детето е предадено на семејството за погребување – рече Јосифовски.
Според неговите податоци, ова е втор несреќен случај годинава во Полошко, додека минатата година имало вкупно 30 несреќни случаи во кои се повредени вкупно 51 лице, при што најчестата причина била невнимание.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.