Во регионалната управа на босанската Агенција за безбедност и разузнавање (СИПА) во Тузла е приведено едно лице, кое полицијата го поврзува со синоќешниот напад врз полициската станица во Зворник, во кој беше убиен еден полицаец, а други двајца беа ранети, соопшти агенцијата Фена.
Апсењето е извршено од претставници на заедничката истражна екипа, составена од претставници на СИПА и Министерството за внатрешни работи на Република Српска.
Според полициски извори, напаѓачот, кој беше убиен во престрелката со полицијата, е 24-годишниот вахабист Нердин Ибриќ од Сапно, крај Зворник.
Истражната екипа претресувала објекти на територијата на општина Зворник и како сведоци распрашала голем број луѓе.
Босанското обвинителство, исто така, формира истражна екипа со цел
целосно да ги открие причините за терористичкиот напад во Зворник, која заедно со членовите на МВР и СИПА ќе собира докази и ќе го истражува случајот.
Босанскиот српски министер за внатрешни работи Драган Лукаќ, кој од синоќа е во Зворник, изрази стравување дека настанот е само „почеток на многу потежок развој во цела Босна“, пренесоа француските медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.