| четврток, 6 декември 2018 |

Во Зворник мирно, специјални единици ја чуваат безбедноста во градот

zvornik-napad3-520x360

Низ улиците на Зворник утрово е мирно, но е забележано зајакнато присуство на специјални единици во градот, откако синоќа вооружен припадник на вахабиското движење нападна полициска станица, при што еден полицаец е убиен, а двајца се повредени.

Здравствената состојба на двајцата повредени полицајци утрово била стабилна.

Специјално обезбедување е воведено во училиштата и детските градинки, а поголемо присуство на припадници на безбедносните сили е забележано и во полициската зграда каде што се случи нападот.

Жителите на Зворник не сакаат многу да зборуваат за вчерашните случувања. Во градот не е забележана посебна тензија, а зајакнатото полициско присуство значително ги смирува граѓаните.

Министерот за внатрешни работи на Република Српска, Драган Лукач од синоќа се наоѓа во Зворник и побара од граѓаните да останат мирни. Тој потврди дека напаѓачот е 24-годишниот Нердин Ибриќ од Сапно, во близина на Зворник, и според информациите, со кои досега располага полицијата, станува збор за терористички напад.

– Од еден полицаец муслиман во Зворник добивме информација дека во последно време Ибриќ се однесувал невообичаено и за време на милитви во џамијата се одвојувал и се поклонувал според вахабиски обичаи – објаснува Лукач.

Градоначалникот на Зворник, Зоран Стефановиќ изрази надеж дека во прашање е индивидуален акт и ги повика сите граѓани на Република Српска да останат воздржани и да не употребуваат говор на омраза на социјалните мрежи.

Високиот меѓународен претставник во БиХ, Валентин Инцко го осуди синоќешниот напад и истакна дека овој, како и оние кои беа извршени пред неколку години врз полициската станица во Бугојно и врз американската амбасада во Сараево, се „последно предупредување“. Тој оцени дека нападот во Зворник ќе има „лош одзвук во светот“, но потенцира дека „граѓаните треба да останат обединети“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top