Сообраќајот е отежнат кон манастирот „Јоаким Осоговски“, а од општина Крива Паланка апелираат на поголема внимателност при управувањето со возила за сите учесници во сообраќајот на територијата на општината поради појава на свлечишта и одрони на неколку локални патни правци, објави „Здравство 24“.
– Отежнато се одвива сообраќајот на локалниот пат кон манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски“, особено на делот на околу 150-200 метри од исклучувањето од главниот пат кон манастирот. На споменатиот дел повремено се изведуваат и градежни работи за расчистување на одроните од карпест и земјен материјал. Истото се однесува и за локалниот пат Крива Паланка, село Станци, каде има неколку поголеми свлечишта кои постојано се појавуваат, има и новоактивирани свлечишта и одрони кои значително го отежнуваат одвивањето на сообраќајот и на кои повремено се изведуваат градежни работи за расчистување, информираат од општината.
Раководителот на Одделението за изградба и одржување во општина Крива Паланка, Никола Граматиков информира дека градежна механизација на терен ги оспособила патиштата за проодност и ги расчистува одроните.
– Во рамки на своите можности и расположливи ресурси општината ги расчисти одроните за да може да се сообраќа по споменатите патни правци, но бидејќи земјиштето повторно се свлекува, известени се и надлежните државни служби. Очекуваме Владата да ни овозможи одредена помош или финансии или нафта за да можеме да интервенираме на сите локалитети со свлечишта, изјави Граматиков.
Од локалната самоуправа на општината побараа граѓаните да имаат разбирање за тешкотиите во одвивањето на сообраќајот на овие локални патишта, да возат внимателно и даја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.