| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на „Тероризам“, режисерско деби на актерот Јордан Симонов

terorizam2

Вечерва (20 часот) на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) е премиерата на претставата „Тероризам“, која е режисерско деби на актерот Јордан Симонов. Претставата е магистерски труд на Симонов, кој ги заврши постидипломските студии по театарска режија на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во класата на Слободан Унковски. Автори на текстот „Тероризам“ се браќата Олег и Владимир Пресњаков, а во претставата играат: Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Николина Кујача, Сашко Коцев, Звездана Ангеловска, Марија Новак, Александар Микиќ, Кире Ѓоревски, Александар Михајловски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев и Драгана Левенска.

Извршен продуцент е Виктор Рубен, сценограф и костимограф е Илина Ангеловска, а музиката е на Горан Трајковски.

– Од 16 април Симонов нема да биде само актер, туку ќе биде и режисер. Оваа претстава е проект на МНТ, не е финансирана од Министерството за култура. Се надевам дека долго ќе се задржи на сцената – рече директорот на театарот, Дејан Лилиќ.

Симнов рече дека ова е претстава од актери за актери.

– Далеку од тоа дека ќе се чувстувам како режисер. Не сум ни прв ни последен актер што режира. Го одбрав овој текст бидејќи би сакал почесто да ги има на репертоарот делата на браќата Пресњаков. Овој текст само еднаш е поставен во Македонија, тоа го стори велешкиот театар во 2005 година. Текстот е поставен во преку 15 града во светот, меѓу кои Лондон, Њујорк, Даблин, Талин – вели Симонов.

terorizam

Оваа драма ги отвора прашањата за влијанието на глобалниот тероризам на микрониво – дали терористот се крие во секој од нас, обичните луѓе. Многу е тешко да се одвојат жртвите од криминалците, невините од виновните, сите се вмешани и никој не е без вина.

– Драмата се занимава со прашањата дали тероризмот е наша антрополошка зададеност, односно дали во секој од нас свесно или несвесно лежи терорист. Ова е претстава за обични луѓе ставени во ситуации кога се врши притисок врз нив – вели Симонов.

Драмата е фрагментирано напишана, во пет навидум неповрзани приказни и во себе носи една непредвидливост и динамичност карактеристична за делата на руската апсурдна комедија од почетокот на минатиот век.

– Многу сум благодарен на актерите. Кај секого од нив почувстував желба за помош – вели Симонов.

Актерот Сашко Коцев вели дека текстот бил љубов на прв поглед.

– Со Симонов се познаваме уште пред студиите на ФДУ, од времето на аматерскиот театар. Ние сме генерација од факултет и се надевам дека нема да заврши нашата соработка. Тој е актер и знаеше што да бара од нас актерите во претставата. Мислам дека создаде претстава со 13 брилијантни ликови – изјави актерот Александар Микиќ.

Првата реприза на „Тероризам“ е в петок, 20 часот на малата сцена на МНТ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top