Македонскиот ракометен првак во женска конкуренција, Вардар и црногорскиот шампион Будуќност повторно како и лани ќе играат на фајналфор турнирот во Будимпешта, а и двете екипи сакаат да го направат завршниот чекор и да се закитат со титулата европски првак. Исти амбиции имаат и некогашниот континентален шампион Ларвик и Динамо Волгоград, уште две екипи во квартетот што ќе атакува на вредниот трофеј.
Полуфиналните двојки ќе бидат познати утре со ждрепка, а токму лани кога ЖРК Вардар дебитираше на фајналфор турнирите играше во полуфиналето со Будуќност и загуби по продолжение. Црногорките не успеаја да се закитат со трофејот, кој остана во Унгарија во витрините на Ѓер.
Овојпат во Будимпешта ќе го нема двојниот европски првак едноподруго Ѓер, кој беше елиминиран од Вардар во четвртфиналето, но затоа тука е Ларвик, европскиот првак од 2011 година. Динамо за првпат ќе биде на завршниот турнир, а една титула од 2012 година има Будуќност.
Фајнафор турнир по овој формат се игра од лани, а и годинава Будимпешта во мај ќе бидеб домаќини и организатор на завршницата во ЛШ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.