Македонскиот ракометен шампион ЖРК Вардар втора сезона по ред ќе игра на завршниот турнир во Лигата на шампионите во Будимпешта. Вардарки успехот го остварија по најтешкиот пат откако во четвртфиналето успеаја да го елиминираат европскиот шампион Ѓер.
По победата во Скопје од 24:18, вчера во Ѓер дуелот заврши 27:27, иако во поголемиот дел од второто полувреме ЖРК Вардар имаше водство.
– Напорно работевме за овој дуел и драго ми е што ракометарките одлично ги завршија поставените задачи. Среќни сме што ќе играме на завршниот турнир и тоа сосема заслужено, изјави тренерот на ЖРК Вардар Индира Кастратовиќ на прес-конференцијата.
Лани на „Ф4“ турнирот во Будимпешта ЖРК Вардар по продолжение загуби во полуфиналето од Будуќност, а потоа во натпреварот за третото место го победи Митјиланд.
Пласман во полуфиналето покрај ЖРК Вардар обезбедија уште Динамо Синара и Ларвик, а последниот тим ќе биде познат по дуелот Будуќност – Виборг (28:22 за Будуќност на првиот натпревар).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.