| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија два до трипати повеќе се користат антибиотици отколку во Скандинавија

Институтот за јавно здравје на Македонија, минатата година спроведе истражување кај населението според кое 74 проценти од пациентите земаат антибиотици по лекарска препорака. На прашањето колку знаат за антибиотиците, 38 отсто дале точни одговори, дури 43 отсто дале грешен одговор дека антибиотиците се ефективен лек за вирусни инфекции а 25 проценти не дале никаков одговор

Zivot88-Antibiotici-2

На 1 мај ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето спроведено во месец ноември од Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група и Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје.

Истражувањето го спроведоа 100 избрани лекари од сите 8 региони на Македонија и тоа треба да ги покаже практиките за пропишување антибиотици за респираторни инфекции на избраните лекари, да се откријат факторите кои влијаат на пропишувањето антибиотици од страна на докторите, но и користењето од страна на пациентите. Врз основа на ова истражување ќе произлезат насоки за потребите од едукација како на докторите така и на населението.

– Ова е многу важно истражување, бидејќи станува збор за потреба од едукација на докторите на сите нивоа на здравствена заштита и на пациентите за ова прашање. Прекумерната и неконтролирана примена на антибиотици може да доведе до висок степен на резистентност кај пациентите, што пак доведува до проблеми при лекување на пациенти кои станале резистентни на антибиотиците. Што повеќе се едуцираме на оваа тема, толку е подобро за сите нас. Со соодветно дијагностицирање може да се избегнат сите несакани ситуации -изјави Радмила Ристовска претседател на Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група.

Според досегашните спроведени истражувања, два до три пати повеќе антибиотици се користат во Македонија за разлика од Скандинавските земји, или пак двојно повеќе отколку во Словенија.

Институтот за јавно здравје на Македонија, минатата година спроведе истражување кај населението според кое 74 проценти од пациентите земаат антибиотици по лекарска препорака. На прашањето колку знаат за антибиотиците, 38 отсто дале точни одговори, дури 43 отсто  дале грешен одговор дека антибиотиците се ефективен лек за вирусни инфекции а 25 проценти не дале никаков одговор.

Во последната година забележан е пораст на потрошувачката на антибиотици од 10 проценти според бројот на пропишани рецепти.

Повеќе од половина од сите лекови, вклучително и антибиотиците, се пропишани или продадени несоодветно, а половина од сите пациенти  несоодветно ги употребуваат антибиотиците, според истражувањето спроведено од Светската здравствена организација.

Прекумерната и несоодветна употреба на антибиотици води до резистентност на бактериските инфекции што е проблем не само со здравствени последици, туку се имплицира и економски како за пациентите, здравствените институции и општеството во целост.

На Симпозиумот ќе учествуваат врвни предавачи од областа на употреба на антибиотици во респираторната патологија од Македонија, Велика Британија, Португалија, Словенија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top