Такси-возачите од денеска до 15 април може да се пријавуваат за полагање испит по англиски јазик, соопшти Министерството за транспорт и врски. Испитот е бесплатен, а по неговото положување таксистите добиваат соодветен сертификат.
Во согласност со Законот за патен сообраќај, сертификатот ќе биде задолжителен од 1 јануари 2017 година.
– Сите такси-возачи мора да имаат сертификат за познавање основен степен на англиски јазик. Сертификатот е воедно еден од условите за добивање лиценца за вршење авто такси превоз, потсетува Министерството.
Пријавувањето на кандидатите ќе се врши на електронската пошта [email protected]. Покрај пријавата, која може да се најде на веб-страницата на Министерството зa транспот и врски www.mtc.gov.mk, кандидатите треба да приложат и М1/М2 образец не постар од 60 дена, како и копија од лична карта.
На конкурсот за полагање на испитот по англиски јазик може да се пријават само такси-возачи вработени во автотакси-компании со лиценца. Времето и местото на полагање на испитот дополнително ќе биде објевено на веб-страницата на Министерството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



