| четврток, 6 декември 2018 |

Инфраструктурата ќе го интегрира Балканот во европскиот проект

попоски

Бидејќи Европската унија е политичка унија, треба да се применат политички критериуми за поврзувањето на регионот. Инфраструктурата не служи само за транспорт на стоки и луѓе, туку и за интегрирање на Балканот во европскиот проект.

Тоа го истакна македонскиот министер за надворешни работи Никола Поповски во обраќањето на министерската конференција на Западен Балкан „Подобра поврзаност, силна и клучна транспортна мрежа“, што се одржа денеска во Приштина.

Според комесарот за проширување Јоханес Хан, Европската унија ќе оддели милијарда евра за унапредување на инфраструктурата во земјите од Западен Балкан.

– Проектите во инфраструктурата, транспортот и енергетиката се клучни за економскиот развој, привлекување на нови инвестиции и отворање на нови работни места – посочи Хан.

На конференцијата присуствуваа и комесарката за транспорт Виолета Булц, како и македонскиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Учесниците на конференцијата разговараа за предложената методологија на Европската комисија за определување приоритетни транспортни коридори и разменија мислења за предлозите за усогласување на клучната транспортна мрежа во земјите од Западен Балкан,

Поврзувањетo на земјите од регионот ќе доведе до зголемување на инвестициите, но и зајакнување на врските меѓу луѓето преку границитe и рушење на предрасудите, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.

Следниот состанок во регионален формат, според договореното на конференцијата, треба да се одржи во Македонија, а во меѓувреме да се договорат клучните проекти.

Денешниот состанок се организира како дел од Берлинскиот процес, а во пресрет на состаноците во Рига и Виена, во мај и јуни оваа година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top