Полскиот тим Кјелце ќе биде последната пречка на патот на Вардар кон фајналфор турнирот во Келн во Лигата на шампионите. Ждрепката во Виена повторно вторпат во низа му донесе ривал од Полска на македонскиот претставник, откако во осминафиналето Вардар го елиминираше тимот на Висла Плоцк.
Кјелце е еден од најдоброорганизираните ракометни клубови од Источна Европа, со големи амбиции, а посебен шмек на двомечот ќе му даде дуелот меѓу таткото Талант Дујшебаев, кој е тренер на Кјелце и синот Алекс кој игра за Вардар.
Кјелце пред две сезони го елиминираше Металург во четвртфиналето и е стар должник на македонскиот ракомет. За полскиот првак играат неколкумина полски репрезентативци од калибарот на Јурецки, Бјелецки, Жмал…, дополнет со хрватските репрезентативци Чупиќ, Штрлек, Бунтиќ… што доволно говори за квалитетот на тимот.
Првиот меч ќе се игра во Скопје во термин од 8-12 април, а реваншите се една седмица подоцна.
Двојки: Вардар – Кјелце, Загреб – Барселона, ПСЖ – Веспрем и Пик Сегед – Кил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.