Младата актерска екипа од филмот „Ќе бидеме светски прваци“, која ја сочинуваат актери од просторите на некогашната заедничка држава, е родена во текот на распадот на поранешната Југославија и на војните, а на овој начин испраќа порака за слога, како и тоа дека актерството ги надминува политички обележаните граници.
Премиерата на филмот го исполни „Синеплекс“ и предизвика огромно интересирање. Филмот за основачите на познатата југословенска школа на кошарка и првиот златен медал на Светското првенство во Љубљана во 1970 година го режираше Дарко Бајиќ, кој присуствуваше на премиерата во Скопје заедно со дел од актерската екипа. Улогата на Небојша Поповиќ, кој го придвижи кошаркарскиот бум во поранешна Југославија, го толкува Страхиња Блажиќ, кој вчера во „Синеплекс“ љубезно позираше со обожабателките, кои дојдоа во голем број.
Стефан Капиџиќ вели дека имал голема трема бидејќи го толкува ликот на сопствениот татко – Драган Капиџиќ, кој во текот на својата кариера бил еден од најдобрите кошаркари.
-Ова е најспецифична улога во мојот живот. Ова го велам бидејќи не играм некој фиктивен лик, туку сопствениот татко. Според неговите реакции, добро сум ја завршил работата – вели Капиџиќ.
На премиерата присуствуваа и поранешни македонски кошаркари како Буштур, но и Лазар Лечиќ, кого во филмот го игра Сашко Коцев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.