| четврток, 6 декември 2018 |

Дарко Бајиќ: Би сакал овој филм да ги натера младите генерации да сонуваат!

Во киното „Синеплекс“ се одржа македонската премиера на филмот „Ќе бидеме светски прваци“ од култниот режисер Дарко Бајиќ. Македонската публика го памети по серијата „Сиви дом“, но и по извонредниот филм „Црниот бомбардер“ кој стана препознатлив за цела една генерација тинејџери кои растеа во поранешна Југославија. Овојпат Бајиќ доаѓа со ново остварување за кое вели дека сака да им го посвети на своите родители и на нашите родители за да можеме подобро да се разбереме и да ги вратиме вистинските вредности.

„Ќе бидеме светски прваци“, станавме светски прваци, како Вие го доживеавте тоа?

-Јас бев првак на светот кога го гледав тој натпревар, но овде тоа го доживеав на овој филм кој ме врати на спектаклите од минатото и морам да признам дека се чувствував многу добро. Прекрасно се чувствував. Најважно ми беше што можев да им се вратам на некои работи кои ние во минатото успевавме да ги направиме. Тогаш младите луѓе успеваа да ги остварат своите соништа.  Би сакал овој филм да ги натера младите генерации исто така да сонуваат, да го послушаат својот талент и да им помогне да бидат светски прваци.

Дали спортот е можеби најголемата вредност на поранешна Југославија?

-Не е најголемата вредност на Југославија спортот и добивањето медали, туку постоењето на оној голем културен простор каде сите ние како уметници се натпреварувавме и создававме. Тоа создаваше квалитет и ние како генерација бевме меѓу најголемите 5-6 кинематографии. И кога е во прашање науката и начинот на кој функциониравме и успевавме да дојдеме до добри резултати во сите општествени области. Најголема вредност е тоа што се создадоа вредности кои сите можеме да ги користиме. Мислам дека овој филм потсетува, по малку провоцира да размислиме што е тоа што беше вредно.

Соработувавте со актери од Македонија, но и насловната песна ја отпеа Даниел Кајмакоски. како се вклопи сето тоа во вашата визура?

-Јас некако се навикнав, се вратив во времето кога работев на тој начин. Сето тоа  за мене беше во ред бидејќи сум навикнат да работам со актери од поранешна Југославија бидејќи никогаш не престанав тоа да го правам. Работам и со интернационални актери. Никогаш не сум размислувал или не ми пречело дали некој е од овде или од онде.  Едноставно одбрав добри актери, имав дваесеттина прекрасни актери и им се заблагодарувам. Овој филм им го посветувам на моите и на нашите родители. Би сакал тие да дојдат заедно да го гледаат за на вистинскиот начин да ги препознаат вредностите бидејќи честопати помладите знаат да речат : „Лесно ви е вам вие сте живееле во подобри времиња“. Тие вредности понатаму на вистински начин би им помогнале на младите да успеат.  Да престанеме да слушаме дека оваа година беше лоша, а следната ќе биде полоша. Ајде да направиме младите подобро да живеат и јас навистина се надевам дека можат да станат светски прваци. Мислам дека филмот треба да биде добар дух кој ќе шири љубов, емоции и среќа.

Дали филмот не поврзува во културолошка смисла?

-Сметам дека нема потреба филмот да не поврзува на културолошка смисла, бидејќи ние културолошки веќе доволно добро функционираме. Актерите, театарските претстави, литературата, ликовната уметност веќе солидно функционираат на културолошко поле и тоа е добро. Тоа дава една извонредна можност  поголемиот број од републиките да ги видат уметничките дела, а од друга страна спортот го направи своето. Единствено сметам дека овој филм може да помогне да се врати оној систем на вредности кој во меѓувреме сите ние го загубивме.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top