„Театарот на Навигаторот Цветко“ на 2 март 2015 година, во Меморијалниот музеј на холокаустот на Евреите од Македонија премиерно ќе ја прикаже претставата „Солун – град на духови“. Претставата е во режија на Слободан Унковски, а текстот е од Русомир Богдановски, инспириран од истоимената книга на Марк Мазовер. Драмската екипа во претставата е составена од Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Наталија Теодосиева, Стефан Вујисиќ, Мартин Манев, Горан Ников, Владимир Петровиќ, а музиката е авторско дело на Златко Ориѓански.
Претставата е направена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и на Меморијалниот музеј на холокаустот на Евреите од Македонија.
Делото „Солун – град на духови, христијани, муслимани и Евреи 1430-1950“ од светски познатиот историчар и професор, Марк Мазовер, е објективна хроника на животот и случувањата во текот на пет века, во најзначајниот град на Македонија. Опфаќа период од турското освојување на Солун во 1430 година, па сѐ до депортацијата и холокаустот на 45.000 солунски Евреи во логорот Аушвиц.
Драматургот Русомир Богдановски, инспириран од оваа историска хроника, развива документарно-играна драма возбудлива по настаните, судбините на луѓето и течењето на времето.
Во духот на балканската музичка традиција Златко Ориѓански напиша повеќе оригинални песни и друга музика за оваа претстава.
Претставата „Солун – град на духови“ е првиот дел од трилогијата која ќе ги опфати и „Лерин – полиња жито, ридишта крв“ во 2015 година и „Скопје – Скопје“ во 2016 година.
Претставата се игра во Меморијалниот музеј на холокаустот на Евреите од Македонија, со почеток во 20 часот. Претпремиерата е закажана на 1 март, а првата реприза во сабота, 7 март. Билетите се достапни на влезот на Меморијалниот музеј на холокаустот на Евреите од Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.