Здравствената состојба на Робертина Мечевска сѐ уште е критична, а шокантниот случај со падот од петти кат на ракометната репрезентативка на Македонија ги обедини лутите ривали Вардар и Металург. Сега се води битка за живот, се стискаат палците Мечевска да ја добие најважната битка, а и двата клуба истакнаа дека со внимание ја следат состојбата и дека од сѐ срце очекуваат позитивен исход.
„Искрено, нѐ потресе несреќата на Робертина Мечевска, наша долгогодишна членка. Со внимание ги следиме информациите за нејзината состојба и искрено посакуваме да се избори и со оваа битка“, стои во објавата на ракометниот клуб Металург.
Вардарки, чиј член е Мечевска, сѐ уште се во шок и будно ја следат ситуацијата со 30-годишната ракометарка која беше оперирана и сѐ уште е во критична состојба.
„Веста за несреќата на Робертина Мечевска силно нѐ потресе сите во клубот. Вардар прави сѐ што е во негова моќ за да ѝ помогне да го надмине ова што ѝ се случи. Ситуацијата е сериозна, а ние како клуб сме во постојан контакт со сите доктори кои се грижат за нејзиното здравје. Робертина е дел од семејството на Вардар, репрезентативец на Македонија, голем борец, и веруваме дека ќе успее да заздрави и да го надмине овој тежок период во нејзиниот живот. Робертина е борец, голем човек и спортист, и веруваме дека повторно ќе биде со нас на теренот“, велат од Вардар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.