Пред повеќе од половина час на хируршките клиники при Клиничкиот центар во Скопје заврши комплексната операцијата над настраданата македонска репрезентативка во ракомет и член на ЖРК Вардар Робертина Мечевска.
Таа беше примена попладнево во ургентниот центар со тешки повреди во горниот дел од телото при пад од петтиот спрат во зградата каде што живее во населбата Острово.
Врз неа е извршена итна хируршка интервенција од конзилиум на хирурзи кои претходно костатирале тешки повреди на градниот кош, белите дробови, слезенката, црниот дроб и рбетниот столб.
Веднаш е одлучено да се оперира Мечевска за да се спречи обилното внатрешно крварење. За Република од лекарскиот тим потврдија дека слезената и е одстранета и и се извршени и други интервенции за да се спречи крварењето. Таа се наоѓа во стабилна состојба и ќе биде пренесена на клиниката за интезивно лекување „КАРИЛ“.
– Среќа во целата ситуација е што Робертина Мечевска е млада спортистка која се надеваме дека ќе помине без последици – изјавија од лекарскиот тим за Република.
Со останатите повреди на градниот кош и поголемиот дел од скршениците ќе се делува секундарно, односно во текот на следните денови.
Мечевска не се појавила на попладневниот тренинг за ЖРК Вардар, а штом разбрале во клубот тренингот бил прекинат и сите колешки од клубот се упатиле кон клиничкиот центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


