Комесарот за проширување Штефан Филе предложил нова рамка, односно трилатерална средба Филе – Аврамопулос – Попоски, со која Европската комисија би имала директен увид во процесот на преговори за името меѓу Скопје и Атина, јавува „Дојче веле“.
Повикувајќи се на дипломатски извори , „Дојче веле“ јавува дека комесарот за проширување Штефан Филе испратил писмо до грчкиот министер за надворешни работи, Димитрис Аврамопулос, со кое побарал Аврамопулос да назначи и свој личен пратеник, човек од доверба, кој би бил контакт од грчка страна во европскиот формат на тристрана комуникација, а информирал дека тој го именува генералниот директор за проширување во ЕК, Стефано Санино, за свој личен претставник во новата рамка.
Во писмото Филе вели дека целта е да се надградат заклучоците за Македонија од декемврискиот совет на ЕУ. Дојче веле анализира дека не станува збор за паралелни преговори за името, туку за добронамерна желба за мониторирање на напредокот во преговарачкиот процес.
Позитивен предлог кој може само да придонесе кон дополнително градење на довербата меѓу двете земји, е оценката на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на иницијативата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе за трилатерална средба со грчкиот министер за надворешни работи Димитис Аврамопулос.
Според него, со ваквата иницијатива не се изместува процесот за надминување на спорот за името под мандат на Обединетите нации, туку ќе придонесе за, како што вели, „задржување на кредибилитетот на евроинтеграциите што е од клучно значење на Европската комисија“.
– Мислам дека сите имаат интерес за зачувување на кредиблитетот на европските интеграции без никаков исклучок. Сметам дека секоја земја-членка на ЕУ има интерес во зачувување на тој кредибилитет и клучни играчи во зачувување на тој кредибилитет треба да бидат оние кои го предизвикале тој кредибилитет во минатото, а ние како земја-кандидат имаме интерес да бидеме конструктивен партнер во градење на дијалог кој ќе ни овозможи надминување на непринципиелни препреки поставени во минатото. Така што сметам дека е добро да се има комуникација, позитивно е да има придвижување во тој правец и мислам дека е логично во ова ирско претседателство да се донесат одлуки кои би обезбедиле зачувување на тој кредибилитет во наш интерес, во интерес на земјите-членки и секако на Европската комисија, рече Попоски.
Најавената средба на посредникот во грчко-македонскиот спор со името Метју Нимиц со претставниците на двете земји, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, министерот Попоски ја оцени како позитивна и во контекст на заложбите за динамизирање процесот и на комуникацијата.
„За потсетување, суштината на преговорите со Нимиц, кој е одново активиран благодарение на грчката иницијатива, не е поврзан во никој случај со Европската Унија“ – пишува во соопштението од портпаролот на министерството.
Грција првично не е против средби, поставува услов – тие да имаат резултат, но во оваа фаза не се поставува прашање за трилатерална средба-се чека исходот од состаноците во Њујорк, а суштината на преговорите е во ОН – одново активирани благодарение на Атина – соопштуваат од грчкото МНР.
„Во врска со можноста за средба на министрите за надворешни работи на двете земји со комесарот Фуле, како што споменува Фуле во неговотро писмо, за да се промовира грчката иницијатива за потпишување меморандум за разбирање меѓу Грција и ФИРОМ, Грција првично не е против средби, под услов дека ќе има добра подготовка и најважното, да се гарантира дека ќе имаат суштински резултат. За потсетување, суштината на преговорите со Нимиц, кој е одново активиран благодарение на грчката иницијатива, не е поврзан во никој случај со Европската Унија“ – пишува во соопштението од портпаролот на министерството.
Делавекурас вели дека грчката страна е во исчекување на средбите и исходот од разговорите на Нимиц во Њујорк за да види дали има шанси за напредок, а според тоа, како што соопштува, „не се поставува тема – средба на министрите на двете земји со Фуле“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.