Студент во четврта година на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид го хакирал компјутерскитот систем на универзитетот каде што студирал.
Дваесет и шестгодишниот охриѓанец во мај минатата година ги пренасочил компјутерските податоци дојдовни пораки во дигитална форма, од доверлива природа, од електронскиот поштенски сервер на универзитетот кон електронската пошта креирана од страна на пријавениот.
„Пријавениот, користејќи го административниот панел на универзитетот, со употреба на легитимна администраторска е-пошта на пристап и со користење надворешна ИП адреса, без да поседува авторизирано одобрение од одговорно лице на универзитетот, извршил навлегување и неовластено пренасочување на поголем број дојдовни електронски пораки од доверлива природа, наменети за повеќе професори, асистенти и други лица вработени на Универзитетот – соопштуваат од МВР.
Се работи за податоци од финансиски природа за тендерски договори, задачи и прашања за испити, податоци за судски процеси кои ги водел правниот Оддел на Универзитетот и други информации со чија злоупотреба би можело да настане штета врз материјалната и интелектуална сопственост, научноистражувачката дејност, репутација и иден развој на Универзитетот.
Утврдени се три ИП адреси што припаѓаат на мајката на осомничениот сторител. По претходно обезбедена судска наредба, извршен е претрес во домот на пријавениот, при што е пронајден лаптоп-компјутер кој овозможувал извршување нелегални пренасочувања на наведените податоци и информации од доверлива природа. Против студентот е поднесена кривична пријава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.