Портпаролот на Европската комисија, Гркот Маргаритис Схинас, не ја видел брошурата што ја подготвува прес-службата на неформалната Влада на Европската унија на чиешто чело се наоѓа тој, а во која за македонскиот министер за здравство Никола Тодоров, се наведува дека е „министер од Македонија”.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, дека има нешто чудно во употребата на терминот Македонија од страна на Еврокомисијата, посочува и написот во европскиот магазин „ЕУ њуз“, каде што во текст со наслов „Не ФИРОМ, туку Македонија Комисијата се лизга за името на државата“, италијанскиот новинар Емануеле Бонини го коментира овој потег на неформалната европска Влада и посочува дека се работи за можна промена на односите на Брисел кон Скопје и Атина.
-Не сум ја видел брошурата што ја споменувате, но ќе ве потсетам дека официјална позиција на Европската комисија е дека го користиме името поранешна југословенска република Македонија – истакна портпаролот на ЕК, Схинас, одговарајќи на прашање на дописникот на МИА од Брисел на денешната пресконференција во зградата „Берлемонт“.
Сепак, во изјава за МИА, новинарот Бонини се сомнева дека се работи за случајна грешка, посебно што вели дека е ова првпат официјален Брисел во документ да употреби Македонија за нашата земја.
– Тоа што го направив е што ја зедов агендата и погледнав за сите состаноци во деновите и го видов овој состанок меѓу комесарот и министерот за здравство од Македонија. Тоа беше чудно за мене затоа што првпат видов ваква позиција на Европската комисија. Знаеме дека официјално Македонија не е признаена како Македонија поради проблемот со името, па решив да напишам текст во кој ќе наведам дека, можеби, поради грешка, но и, се разбира, поради тајмингот е направена оваа објава, напишана на таков начин затоа што во неделата беа изборите во Грција, каде што оваа тема е многу чувствителна – вели аналитичарот на европскиот магазин „ЕУ њуз“.
Според Бонини, јасно е дека новата грчка Влада има други приоритети, како што се преговорите со „Тројката“ и проблемот со долгот, но одбивањето на Владата на Алексис Ципрас да го врати долгот од речиси 300 милијарди евра предизвикува фрустрации во ЕУ.
-Ова би можело да биде порака за грчките власти да најдат решение и за овој проблем без крај со Македонија – додава Емануеле Бонини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


