| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе завршат ли проблемите со мрежата на „Т-мобиле“?!

t-mobile

Проблеми со повици и со интернет во централните градски подрачја – реагираат корисниците на „Т-мобиле“. Тие прашуваат – кога ќе завршат проблемите во мобилниот оператор, кој важи за најдобар во земјава.

-Неколку пати имам реагирано. Добивам извинување, ветување дека моментално имаат некои проблеми, работат на тоа и наскоро ќе биде острането, но ништо од тоа. Телефонот ми е основно средство за работа. И многу е невкусно што на половина повик ми се прекинува линијата. Или пак, честопати ми реагираат дека сум недостапен, а телефонот стои пред мене, вклучен – вели скопјанецот Ненад.

Вакви реакции стигнуваат постојано. Читател на „Република“ револтиран од услугата, се обрати до редакцијата сметајќи дека јавната реакција ќе има поголемо влијание за операторот да се праша за квалитетот на услугата што ја нуди.

„Република“ веќе еднаш пишуваше за проблемите со кои се соочуваат корисниците на „Т-мобиле“. Удвоени пораки или пораки што воопшто не се испратени до корисниците, прекинати телефонски повици, слаб интернет – тоа се главните проблеми со кои се соочуваат. Реагираат на лошата услуга и катастрофалната конекција. Минатиот вторник неколку часа воопшто немаше интернет на „Т-мобиле“. А слаб интернет има низ централното градско подрачје. За околината воопшто да не споменуваме.

-Добив порака, за кратко време ја добив истата порака повторно. Вратив одговор, а на пораката постојано стоеше дека се испраќа. Откако добив реакција од човекот на кој му ја испратив пораката дека ја добил неколкупати, ја избришав од сандачето. Ова не се случува првпат. Истото ми се случи пред неколку месеци. Се јавив во контактцентарот и ми рекоа дека се работи за некаков технички проблем и тоа ќе биде корегирано – изјави скопјанката Билјана, корисник на „Т-мобиле“ во ноември.

Проблеми има и со интернетот. Корисниците велат дека од септември минатата година имаат проблеми со 3г мрежата. Се јавувале во „Т-мобиле“, а оттаму секогаш истите совети – рестартирајте го телефонот, не ви е добар апаратот.

– Ми рекоа дека веројатно не ми е добар телефонскиот апарат. Откако им кажав дека се работи за нов телефон, купен од кај нив, еден од поскапите апарати ми дадоа предлог да ја ставам СИМ-картичката во друг телефон за да видам дали е до картичката. Но немаа одговор кога им кажав дека и колегите околу мене, со кои сме во иста просторија и на исти оператор – „Т-мобиле“ го имаат истиот проблем – вели корисник на овој оператор.

По написот на „Република“ во ноември, „Т-мобиле“ испрати одговор – Имале повремени проблеми со функционирање на СМС-сервисите кај многу мал број на корисници (0,5 проценти од корисниците на „Т-мобиле“) и ќе биле отштетени. Но тогаш не дадоа никаков одговор за прекинатите телефонски разговори и проблемите со интернетот. Големи корисници велат дека од „Т-мобиле“ им признале дека имаат одредени проблеми со мрежата, но им ветиле дека најдоцна до средината на јануари сè ќе биде надминато. Но, јануари изминува, а проблеми сè уште има.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top