Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, најави дополнителна анализа на случувањата на Светското првенство во Катар, по враќањето во Скопје. Нашата експедиција вечерва околу 20 часот ќе пристигне во главниот град откако синоќа го загуби осминафиналниот меч од Словенија со 28-30 и ги заврши натпреварите на мундијалот.
– Мислам дека покажавме тимски дух, квалитет и посветеност, за жал резултатот не е тој што го посакувавме. Не успеавме да се пласираме во квалификациите за ОИ. Сметам дека сега е прерано за да се дадат избрзани изјави, треба да се направи детална анализа по враќањето во Скопје, по што со неа ќе биде запознаена целата македонска јавност – изјави за „Екипа“ Мукаетов.
Амбициите беа повисоки, се најавуваше битка за олимписките квалификации што би ни донеле настап во Рио де Жанеиро во 2016 година, но Словенија беше превисока пречка. Следна шанса за Македонија да се обиде да се избори за настап на ЛОИ е Европското првенство во Полска годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



