Репрезентациите на Македонија и на Словенија попладнево од 16 часот и 30 минути, ќе се борат за пласман во четвртфиналето на ракометниот Мундијал во Катар.
Ова за македонската репрезентација е второ осминафинале по ред откако пред две години во Барселона бевме елиминирани од Германија. На тој шампионат Словенија играше во полуфиналето и го освои 4. место.
На официјалните натпревари овие две селекции имаат одиграно три дуели. Во баражот за Европското првенство 2008 година Словенија постигна две победи, а на ЕП 2012 година во Белград Македонија победи во дуелот за 5. место со 28:27.
Ова воедно ќе биде и дуел на двајца од тројцата најдобри стрелци на шампионатот, Драган Гајич (Словенија) води на листата со 43 голови, а Кирил Лазаров (Македонија) е трет со 38.
Лазаров е најуспешен по бројот на голови и асистенции во првата фаза со 56 (38 голови + 18 асистенции).
Натпреварот Македонија – Словенија се игра во „Али Бин Хамад Алатијах Арена’’, каде нашата репрезентација на четирите натпревари кои ги одигра во групната фаза забележаа три победи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.