Игор Вори, еден од најискусните ракометари на селекцијата на Хрватска не штедеше пофални зборови за македонската репрезентација, на денешната средба со новинарите, а во пресрет на утрешниот натпревар Б група на СП во Катар.
– Многумина ме прашаа дали Македонија е изненадување за нас. Македонија на последните две-три големи натпреварувања игра одличен ракомет, и не е случајно ова што досега го прикажаа на Мундијалот. Сега се селекција со поголемо искуство, со поголем број на настапи зад себе и за мене не се никакво изненадување, изјави Вори.
Според него, трите победи на Мундијалот кои ги остварија македонските ракометари се резултат на тим во кој има повеќе квалитетни ракометари, а не само еден играч.
– Го имаат Кирил Лазаров, кој е лидер на тимот, но реков, дека не победуваат индивидуалци, туку екипата. Знам дека ќе бидат дополнително мотивирани да не совладаат, особено нивниот селектор Ивица Обрван, кој добро не познава сите нас, а за кого евентуален триумф би била една од најголемите победи во неговата кариера, потенцира Вори.
Дуелот од 4.коло кој директно може да решава за првото место во Б групата, меѓу Македонија и Хрватска ќе се игра утре од 17 часот. Двете селекции досега имаат максимални три победи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.