| четврток, 6 декември 2018 |

Африка и Азија се апсолвирани, на ред е Европа

Африка и Азија се апсолвирани, а за македонската ракометна репрезентација на ред се три натпревари со европски селекции на Светското првенство во Катар.

На мошне уверлив начин во премиерата за нас на 24. ракометен мундијал го победивме Тунис, селекција што важи за најдобра на африканскиот континент. Играта функционираше беспрекорно, а тактиката со која селекторот Ивица Обрван комплетно го надмудри искусниот лисец Сеад Хасанефендиќ, во дело ја спроведоа момчињата во „црвено-жолта“ комбинација.

Кирил Лазаров беше лидер, вистински капитен против Тунис, а во блескавата победа од 33-25 брилјираа и Дејан Манасков, Филип Миркуловски, Гоце Георгиевски, голманот Борко Ристовски…

Со многу расположени поединци во составот, полесно се доаѓа до вистинската цврстина и дисциплина во играта. Тимскиот дух беше беспрекорен, што не доведе до мошне значајна победа. Тунис важи за репрезентација што игра цврста одбрана, но потклекна пред офанзивата на Македонците. И во одбраната предводени од дуото „халфови“ Јоноски и Марковски, игравме како по ноти и целта да го исфрлиме главниот стрелец на Тунис, Ваел Жалуз, комплетно беше реализирана. Соиграчот на Кирил Лазаров од Барселона не се виде на теренот и мораше подолг период да мине на клупата.

makedonija-6

Вториот меч со азискиот дебитант на мундијалите, Иран, го одигравме нешто послабо, но на вакви турнири мора да дојде и слаб ден. Важни се победите, или да се плови мирно и победнички и кога не играте најдобро. Денешниот меч покажа дека имаме и одлични алтернативи во составот.  Шанса добија и „резервистите“ а се истакнаа Немања Прибак со стопроцентен учинок 5/5, и Недановски, кој постигна 4 гола. Обрван имаше можност малку и да ги одмоти првотимците, односно ракометарите на чии плеќи ќе падне товарот на вака тешки турнири, какво што е Светското првенство во Катар.

makedonija-19

Првите два теста се положени со десетка против селекции кои играат поинаку од европските, а сега на ред се ривали од стариот континент. Репрезентации кои негуваат поинаков стил на ракомет. Трилингот дуели со европските состави го почнуваме против БиХ во понеделник од 17 часот. Тој меч ќе биде клучен за потврда на пласманот во осминафиналето во нокаут фазата, а победата е мошне важна за да се обезбеди што подобра позиција и секако да се избегне судир со актуелниот светски првак Шпанија.

По мечот со БиХ, следи уште едно екс-југословенско дерби со Хрватска, репрезентација што го носи ореолот на прв фаворит во нашата група. За крај на групната фаза во Катар ќе играме против Австрија.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top