Кирил Лазаров беше извонреден против Тунис, вистински капитен и лидер на теренот во блескавата победа од 33-25 за одличен старт на Македонија на ракометниот мундијал во Катар.
Ракометарот на Барселона имаше и посебен мотив за добар настап на првиот меч на СП, бидејќи денеска неговата ќерка Лана слави роденден. Честитката од тато Кире се 10 гола во мрежата на тунижаните и слатка победа на Македонија од 33-25.
„Ова е победа за мојата ќерка Лана, која денеска слави роденден. Многу сме среќни и задоволни. Покажавме максимална борбеност и посебно искуство за големи натпревари и тоа многу ме радува. Задоволен сум од играта на сите репрезентативци. Никогаш досега не сме одиграла вака квалитетно на првиот натпревар и тоа можеби малку ме плаши, но од друга страна можеби и важноста и силата на противникот не мотивираа на ваков меч. Добро се подготвивме, имавме различни варијанти како да нападнеме, добро ги анализиравме и тоа даде резултат. Тоа е наша голема предност и резултат на нашето искуство. Среќен сум, но ова е само почеток. Сепак доволно сме искусни да го задржиме ова темпо. Утре не очекува дуелот со Иран и ниеден противник не смее да се потцени. Големи фаворити сме во утрешниот дуел, но тоа треба и да го демонстрираме во првите десетина минути, за да можеме после да сочуваме сила и за она што не очекува во другите мечеви“, изјави капитенот на Македонија.
Утре од 17 часот во второто коло од Б групата противник ни е Иран, селекција што денеска загуби од БиХ со 25-30.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.