Македонија денеска го почнува новиот поход на ракометните мундијали, а во Доха, Катар, прв противник ни е Тунис. Африкански гигант и актуелен вицешампион на својот континент. Во финалето за златниот медал, лани тунижаните загубија од Алжир, противник што Македонија убедливо го победи во подготвителниот период пред заминувањето за Катар.
Првиот натпревар за нас во Б групата е закажан за 15 часот.
Ракометот во Тунис е еден од најпопуларните спортови, а оваа репрезентација е број 1 во Африка. Во Катар ќе учествуваат по 12. пат на светските првенства, што е рекорд во конкуренција на селекциите од најсиромашниот континент.
Тунижаните се убедливо најдобри во Африка и имаат дури 9 континентални титули.
Еуфоријата по ракометот ја достигна кулминацијата во 2005 година, кога Тунис беше домаќин и се проби до полуфиналето. И тогаш ги предводеше легендарниот селектор Сеад Хасанефендиќ, кој ги доведе до битка за медали, за жал на Тунижаните, без завршен удар. Во полуфиналето загубија од Шпанија, која стана светски првак, а по голема битка го загубија и бронзениот медал по поразот со 25-26 од Франција.
Во нов поход по подвиг Тунис ќе тргне со Хасанефендиќ на кормилото, а овој пат ситуацијата е поповолна за нив. Имаат дузина одлични ракометари, кои играат во Европа, предводени од Жалуз, кој е соиграч во Барселона на нашиот капитен Кирил Лазаров. Уште на стартот од натпреварите во групата Б ќе гледаме пресметка меѓу двајцата соиграчи во Барса, од кои зависат многу работи во двете селекции.
Жалуз е мошне силен ракометар, вистински атлета со разорен шут и ако влезе во серија може да биде многу опасен. На натпреварувањето „Суперглоуб“ во 2012 година му даде осум гола на германскиот гигант Кил и следната година стана член на „зебрите“. Потоа замина во Барселона како еден од најталентираните светски ракометари. Жалуз има 23 години и е главен адут на Тунис во Катар, но не треба да се заборави дека во составот на африканскиот шампион има уште десетина ракометари, кои, претежно, играат во француските клубови. Амине Банур е, исто така, врвен стрелец, а треба да се внимава и на одличниот пикер Исам Теј, кој игра за Монпелје. Имаат десетмина ракометари што настапуваат во француските клубови, а сепак глацвна ѕвезда во составот им е Жалуз од Барселона. Тунижаните велат дека целта е да се помине првата фаза, но потајно се надеваат на нов поход на медал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.