| четврток, 6 декември 2018 |

Новогодишната ноќ без многу докторски интервенции

 

doktori

Новогодишната ноќ во Скопје мина релативно мирно, соопштија денеска докторите од скопските болници и Брзата помош. На Клиниката за токсикологија биле примени 16 лица во акутна алкохолизирана состојба, претежно девојчиња од 14  до 21 година, а во текот на ноќта третирани се и повредени во сообраќајни несреќи, петарди и скршеници.

– Во текот на вечерта се примени 32 пациенти, од кои 16 во акутна алкохолна состојба претежно девојчиња од 14 до 21 година, сите се пуштени на домашно лекување. Во текот на ноќта се примени и двајца пациенти од труење со CO2 односно со јаглеромоноксид кои се грееле со манган – изјави д-р Нестор Поповски од Клиниката за токсикологија.

Пациенти со проблеми од прејадување на оваа Клиника не  се примени, но, според докторот, би можело да се очекува денеска да се појави некој.

На Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ на преглед се јавиле 52 пациенти и, како што оцени, директорката д-р Јасминка Чабуковска, новогодишната ноќ поминала релативно мирно за разлика од минатите години.

– На преглед се јавиле 52 пациенти од кои девет повредени во тепачки, три од сообраќајни незгоди, тројца пациенти со повреда од петарда и двајца пациенти со акутен абдомен. Шест од овие пациенти се хоспитализирани, а останатите се пуштени на домашно лекување – изјави Чабуковска.

Еден од тројцата повредени од пукање на петарди, роден 1962 година, е задржан на болничко лекување и има семи ампутација на едниот прст односно пригмеченица на прстот.

Според д-р Андреа Гавриловски, специјалист трауматолог на Универзитетската клиника за трауматологија, ноќеска дежурната екипа на оваа клиника прегледала 56 пациенти.

– Во текот на новогодишната ноќ во Ургентниот хируршки центар беше релативно мирно. Во текот на новогодишната ноќ беа прегледани 56 пациенти. Од нив, 15 беа повредени во сообраќајни незгоди, седуммина во физички напади и двајца пациенти биле повредени од паѓање. Најголемиот дел од овие пациенти биле пуштени на домашно лекување освен тројца кои биле со потешки повреди. Двајца се задржани на Универзитетската клиника за трауматологија и еден на Универзитетската клиника за торакална хирургија. Нема пациент во животна опасност – изјави Гавриловски. 

Во тек на изминатото деноноќие Службата за итна медицинска помош интервенирала кај 137 повици од кои само 50 биле во текот на новогодишната ноќ.

– Од вкупната бројка од 137 покани 50 биле итни интервенции од прв степен.  Имавме пет лица во алкохолна состојба кои беа транспортирани на Клиниката за токсикологија од кои четири лица малолетни. Потоа имавме две сообраќајки. Повредените се збринети во ургентните центри во Клиничкиот ургентен центар и „Свети Наум Охридски“. Шест тепачки на јавни места, а меѓу учесниците во тепачките две малолетни лица во алкохолна состојба и, а другите од 19 до 25 години. Пет падови односно скршеници кои исто се префрлени во ургентните центри – изјави директорката на Здравствен дом Татјана Баевска Вучковиќ.

За време на новогодишната ноќ од страна на дежурните пунктови на Здравствен дом вкупно се реализирани 172 прегледи.

– Само во Ѓорче Петров имаме повреда од петарда на дете на возраст од десетина години кое е згрижено од страна на дежурната служба – изјави Баевска Вучковиќ.

Според неа, препораките на лекарите за заштита на граѓаните вродиле со плод. – Ова беше една навистина мирна ноќ – оцени таа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top